Панде Кајзеро го положува животот за слободата на Македонија на 22.6.1943, самоубивајќи се со бомба во борбата со бугарските фашисти

На денешен ден, на 22 јуни во 1943 година со активирање на последната бомба се самоубил Панде Јовчевски – Кајзеро во нерамната борба со бугарските фашисти во неговото родно село Лавци, Битолско. На возраст од само 20 години тој ја прегрнува смртта еднакво бестрашно како што постапувале во претсмртните мигови пред стотина и повеќе години и многумина македонски револуционери, војводи и комити во борбите со турската војска, со грчките андарти, или со бугарските врховисти, за да не им паднат живи во нивни раце.



Панде Стевов Јовчевски – Кајзеро (15 јули 1923 во Лавци, Битолско — 22 јуни 1943 во Лавци, Битолско) е борец за слободата на Македонија, комунист, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во антифашистичката борба во Вардарскиот дел на Македонија во Втората светска војна.

Потекнувал од земјоделска фамилија. Бил и тој земјоделец. Напредното комунистичко движење, што го опфатило селото Лавци, не го заобиколило и него. Активно ја помагал борбата против окупаторите уште од нејзиниот почеток. На 25 ноември 1942 година, се приклучил кон единиците на НОВ и ПОМ. Најпрвин бил борец во партизанскиот одред „Даме Груев“, а подоцна и во одредот „Јане Сандански“.

 На 22 јуни 1943 година кога селото Лавци било опколено од бугарска војска и полиција, Панде Кајзеро и Панде Ташкоски, тргнале да се вратат во партизанскиот одред. Но, наишле на бугарска заседа, која ги раздвоила. Панде Ташкоски успеал да се пробие, а Панде Кајзеро отпочнал нерамна борба со непријателот.

Успеал да ликвидира 13, или 14 бугарски полицајци и војници. Откако му завршила муницијата, со последната бомба се самоубил. Неговата смрт е прикажана во филмот „Македонскиот дел од пеколот“.

Извор: статија на д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје.