Сообраќајот се одвива добро и покрај обилните снежни врнежи

По врнежите од дожд изминатите денови, во поширокиот дебарски регион паѓа снег, кој на повисоките населени места достигна повеќе сантиметри. Освен убавината што со себе ја носи, засега, снегот не создава проблем во нормалното одвивање на патниот сообраќај. Сепак, се препорачува внимателно возење поради влажните коловози.



  • Сообраќајот се одвива непречено но по влажни коловози, на кои не се задржува снег. Нашите екипи се подготвени доколку има потреба да интервенираат. Имаме доволно абразивен материјал, сол и песок и нема никаков проблем. Сепак,  поради влажниот коловоз, препорачуваме внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација – изјави, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.

Под надлежност на дебарската секција се делницата Дебар-Жировница, на патот кон Маврово, Дебар-Глобочица, кон Струга, патот Мелнички Мост-Центар Жупа, кракот од Бошков мост кон селата од Мала Река, како и патот кон граничниот премин „Блато” или во должина од околу 120 километри.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, соопштија денеска од АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.