Со победата од 28:24 над директниот ривал Ангола во последното коло од групата, македонската женска ракометна репрезентација до 20 години избори пласман во главната фаза на Светското првенство во Македонија.
Поради полошата гол-разлика во однос на Африканките, „црвено-жолтите“ мораа да победат, но тоа не изгледаше едноставно во почетните петанесетина минути, во кои противникот дури и водеше, пред Македонија со серија од 4:0 да направи пресврт и да поведе со 10:7.
Избраничките на селекторот Дарко Јанев на полувреме заминаа со предност од 13:11, а решавачката ја стекнаа со нова серија од 6:0 за водство од 19:12 во 42. минута, со кое си овозможија помирна завршница и втора победа на мундијалот.
Ризоска со 6 гола од 7 обиди, Стефаноска со 6/13, Младеновска со 5/9 и Коцева со 4/4 беа најистакнати поединки во македонскиот тим.
Во главната фаза, во која ќе настапат најдобрите 16 селекции во светот, Македонија прво ќе ги одмери силите со Португалија в понеделник од 16:15 часот, а во вторник од 20:15 ч. и со Црна Гора. Двата меча ќе се одиграат во арената „Борис Трајковски“, во која домаќинот ги игра своите натпревари на ова СП.





