Павловска: Гир убедуваше дека „Бугари во уставот“ е „најдоброто нешто“, а Рокас ќе набљудува дали ќе се применува еднострано и Преспанскиот!

„Некои поискусни домашни политички аналитичари улогата на евроамбасадорите во Македонија ја нарекуваат – гувернерска! Дејвид Гир доследно ги застапуваше интересите на ЕУ и нејзините земји членки, но националните интереси на Македонија во евроинтеграциите не беа во центарот на вниманието на ЕУ. ЕУ го именува Гркот Михалис Рокас како нов евроамбасадор за спроведување на Преспанскиот договор и францускиот предлог, за да ја набљудува Македонија како ќе ги спроведува Преспанскиот договор и францускиот предлог и внесувањето на Бугарите во уставот.“ – нагласува новинарката Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „На доаѓање со надеж, на заминување со сомнеж“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Павловска пишува: Набргу по пристигнувањето на Гир во Македонија се засили и ескалира ескалира опструктивниот и уценувачки однос на Бугарија спрема македонските евроинтеграции. Евроаамбасадорот Гир се носеше со задачата од европската „централа“ да ја убедува македонската јавност дека внесувањето на Бугарите во уставот и така наречениот француски предлог било „најдоброто што можело да се добие во тие услови“. Но, за револтираната македонска јавност тоа не е прифатливо.

Пред крајот на мандатот Гир беше ставен во позиција и да „биде загрижен“ за почитувањето на Преспанскиот договор од македонска страна поради неупотребата на географската одредница во новото име на државата во (не)формалните обраќања на високите претставници од новоизбраната македонска власт. Во македонската јавност се наметна ставот дека евроамбасадорот Дејвид Гир, кој заминува, доследно ги застапуваше интересите на ЕУ и нејзините земји членки, но националните интереси на Македонија во евроинтеграциите не беа во центарот на вниманието на ЕУ.

Уште во април годинава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел го именува грчкиот дипломат Михалис Рокас како нов амбасадор на Европската Унија во Македонија. Неговиот мандат треба ефективно да започне во септември. Според повеќе аналитичари, со именувањето на грчкиот дипломат Рокас ЕУ се стреми да го засили своето набљудување врз Македонија околу спроведувањето на Преспанскиот договор, но и исполнувањето на условите од францускиот предлог, за промена на уставот и внесување на Бугарите во него.  

Уште кога беше објавено името за наследникот на досегашниот евроамбасадор Дејвид Гир, во македонската јавност се создаде убедување дека Македонија добива евроамбасадор за спроведување на Преспанскиот договор и францускиот предлог.

Со такво убедување на јавноста во Македонија поголема е одговорноста на амбасадорот Михалис Рокас како претставник на ЕУ за создавање објективен и принципиелен однос со македонските институции во контекст на македонските евроинтеграции.