„О, Боже, воскресни го Гоце Делчев да ја спаси Македонија!“ – ова биле последните зборови на големиот македонски патриот Спасе Мазенковски од селото Пустец во Албанија (2.9.1953-30.5.2018), кои ги нашла неговата ќерка Елеонора Мазенковска Стојан на неговиот кревет. Во својата статија со наслов „Се одбележија шест години од смртта на Спасе Мазенковски – еден од најголемите борци за правата на македонското малцинство во Република Албанија“, објавена денес, на 4 јуни 2024 година, весникот „Нова Македонија“ пишува: На 30 мај се одбележи шестата година од смртта на Спасе Мазенковски, истакнатиот македонски патриот, писател, новинар и публицист од селото Леска, Мала Преспа. Овој македонски деец го посвети целиот свој живот во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет, како и за унапредување на положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија.
Целиот свој живот живееше и твореше во селото Леска, општина Пустец, во областа Мала Преспа. Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, „Друштво Преспа“, основач и главен уредник на весникот „Преспа“. Беше основач и на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, како и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година до неговата смрт.
Спасе Мазенковски има објавено на македонски јазик неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи, „Преспа моја“, „Разбојна китка“, „Торбулето на татко ми“, „Преспанска убавица“, „Лабид и Преспана“, „’Рѓосани бисери“, „Историја на македонскиот народ во Албанија“. На албански јазик ја има објавено книгата „Историја на македонскиот народ“. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија и на друштвото на писателите „Новиот свет“ во Албанија. Македонците во Албанија не го забораваат неговиот огромен придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и за зачувување на македонскиот национален идентитет.
Живот посветен на идеалот за Македонија и македонското национално единство
Во својата статија со наслов „Спасе и Спасе: зошто?“, објавена на 13 октомври 2023 година во весникот „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, др Катерина Тодоровска, универзитетска професорка во Институтот за национална историја, покрај другото, пишува: Во македонската историја има личности кои по своето потекло како Македонци, независно дали живееле и работеле во македонската држава, оставаат значајни дела за матичната земја. Од плејадата такви дејци голема оставнина за македонската историјата нѝ оставиле и двајцата Македонци од Преспа во Република Албанија Стерјо Спасе и Спасе Мазенковски. Спасе Мазенковски е еден од многуте Македонци во Албанија, кои го посветиле својот живот на идеалот за Македонија и националното единство.
Уште во време на комунистичка диктаторска Албанија Спасе не ги криел своите идеали за слободна и независна Македонија и за унапредување на правата на Македонците во Албанија. Веднаш по уривањето на комунизмот во Албанија во 1990 година бил иницијатор, основач и претседател на првата Организација за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа“, основано на 3. 4. 1991 година. Во 1994 година го основаше и беше уредник на првиот весник на македонски јазик во Албанија “Преспа“.Основач е и на единствената македонска политичка партија во Албанија „Македонска алијанса за европска интеграција“.
„Еден ден сите Македонци ќе бидеме сплотени, ќе бидеме единствени како некогаш“
Автор е на многу дела. Меѓу оние, со кои особено се гордеел Спасе Мазенковски, а за кои и јас сметам дека се исклучително важни, се наоѓа книгата “Македонскиот народ во Албанија” издадена во 2016 година. Книгата ја завршува со делот наречен „Последните реченици – најтешката горчина“. Последните реченици во оваа книга гласат: „… вие таму во Скопје, вие на врвот на таа држава, за која сонувавме и се боревме и ние, Македонците од Албанија: можете да сторите сè против нас, ама само против нас Македонците… можете да ги поставите повторно границите према нас и да не нѝ дозволувате да влегуваме во нашата земја; можете да се откажете целосно од нас, како и почнавте да се откажувате постепено… сепак, не можете да нѝ забраните да си ја сакаме, да си ја чуваме и да си ја развиваме Македонија и македонштината, насекаде каде нè има… Еден ден сите Македонци ќе бидеме сплотени, ќе бидеме единствени како некогаш.“
Меѓу неговите трудови се наоѓа и „ПОЕЗИЈА“ напишана паралелно, на македонски и албански јазик. Во својата „Забелешка“ од крајот на овој труд, тој напишал: „Оваа поезија напишана на македонско-албански јазик, со македонско-албански мотиви, е врвот на мојата желба за поттикнување на братскиот соживот меѓу македонскиот и албанскиот народ во Р. Македонија и Р. Албанија. Само така може да продолжи соживотот на овие два народа, на овие простори“.
Покрај објавените трудови на Спасе Мазенковски, благодарение на неговата ќерка Елеонора Мазенковска Стојан од неговата оставнина пред три години добив книги во ракопис потпишани од великиот Спасе Мазенковски. Во неколку наврати со овие негови книги конкуриравме во Министерството за култура во Република Македонија, но попусто. Македонското министерство не покажа интерес за давање финансиска помош за нивно печатење.
Затоа, самоиницијативно во чест на неговиот 70-ти роденден редактирав „Собрани дела“ том 1 од Спасе Мазенковски, кои излегоа во издание на издавачката куќа „Менора“ од Скопје. На овој начин сакав да му се оддолжиме, како Македонци од матичната држава, на Спасе Мазенковски за неговиот влог во борбата за зачувување на македонските вредности сред Македонците во Албанија и за Македонија. Спасе Мазенковски е важен автор за македонската историја и како голем поборник за македонско-албанската соработка.





