„Очигледно нè сметаат за малоумни“: Топалов за македонскиот предлог за Бугари во Уставот при влез во ЕУ

Бугарскиот историчар, дипломат и член на Мешовитата комисија за историски и обраозвни прашања, Кирил Топалов, го оценува како „навредлив“ македонскиот предлог впишувањето на Бугарите во Уставот да стапи на сила при влезот на земјата во Европската унија.



„Република Северна Македонија ни поставува едно навредливо барање, очигледно нè сметаат за малоумни, отворено кажано. Целосен апсурд е да ги пуштиме пред тоа. Тие никогаш нема да нè вклучат зошто таква е нивната политика. Неодамна нивниот премиер повторно рече дека Бугарите биле стотина души и нема зошто да се занимаваат со нас.
Не можеме да го прифатиме овој нивен услов, бидејќи многупати покажаа лоша волја и нечесност во односите со нас“, изјави Топалов за телевизијата „Евроњуз Бугарија“.

Според професорот, сите политичари во ЕУ сфатиле дека Бугарија е во право со своите услови за членството на Македонија.

„ЕУ јасно покажа дека Албанија го исполнува она што се бара од соседите и тргнува кон членство, Северна Македонија не го исполнува, а додека не го исполни нема да тргне“, вели историчарот.