Охрид ќе се збратими со Варна

Градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, откри дека бугарскиот приморски град со кој раководи е пред збратимување со Охрид.



„Имаме барање за збратимување со градот Охрид, Северна Македонија. Ова е исклучителна можност за зближување не само меѓу Варна и овој град, туку и меѓу двете земји“, изјави Коцев на Регионалната конференција „Европа на Балканот: Заедничка иднина“, што Бугарската телеграфска агенција ја организираше во Варна со поддршка на Европската комисија.

„Варна е пример како балканските градови можат успешно да се развиваат. Соработка како онаа со Охрид, која верувам дека ќе се случи, ќе ни даде можност да покажеме како европските фондови можат да бидат корисни за развојот на регионите“, додаде градоначалникот на Варна, чиешто летувалиште Златни Песоци на Црно Море оддалечено 17 километри од градот е популарна дестинација за Македонците во лето.

Петнаесет градови и општини од странство досега се збратимени со македонскиот Ерусалим, и тоа Винковци, Трогир и Општина Видовец од Хрватска, Крагуевац и Инѓија од Србија, Мостар и Стари Град – Сараево од Босна и Херцеговина, Јалова и Сафранболу од Турција, Пиран од Словенија, Волонгонг од Австралија, Виндзор од Канада, Будва од Црна Гора, Поградец од Албанија и Огроџењец од Полска.