Романската Централна изборна комисија (ЦИК) денеска одлучи да ја отфрли кандидатурата на независниот десничарски кандидат Калин Георгеску на претседателските избори, објави порталот Диги24.



По одлуката на ЦИК, Георгеску има рок од 24 часа во кои може да поднесе формална жалба до Уставниот суд, кој има уште 48 часа да донесе конечна одлука.

Откако беше објавена веста дека неговата кандидатура за претседателските избори е одбиена, приврзаници на Георгеску вечерва се собраа пред седиштето на ЦИК, обидувајќи се да ги тргнат оградите што ги поставија жандармите. По интервенција на жандармеријата, околу ЦИК повторно беа поставени заштитни огради.

Претседателските избори во Романија се закажани за 4 мај, откако резултатите од првиот круг, во кој Георгеску освои најмногу гласови, беа поништени во декември минатата година, со образложение дека ги прекршил правилата за финансирање на кампањата, а објавени се и документи, пишуваат романските медиуми, во кои се наведува дека изборниот процес наводно бил под влијание на силна руска кампања за хибридни напади.