Белград планира да му донира автобуси на Скопје, пишуваат дел до српските медиуми. Веб сајтот „Е-капија“ вели дека одреден број автобуси од марката „Соларис“ кои се меѓу најквалитетните и најсигурните возила во белградскиот превоз, најверојатно за неколку месеци ќе станат дел од скопскиот јавен превоз. Станува збор за полските автобуси Соларис Урбино 18, од кои во последниве 15-ина години во Србија се обезбедени над 200 вакви автобуси.
Информацијата ја откри српскиот Центар за локална самоуправа, oд каде сметаат дека одлуката да се донираат автобуси е произволна, неразумна и штетна за граѓаните на Србија. Реакција стигна и од српската Партија на слободата и правдата, кои алармираат дека на улиците во земјата ќе останеле само кинески и турски автобуси.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, рече дека од една страна тој потег го гледа позитивно, во насока на подадена рака. Но, од друга страна, Ѓорѓиевски вели дека тоа говори за несериозниот пристап на скопската градоначалничка кон решавање на хаосот во градскиот превоз во главниот град, предизвикан од недоволниот број на автобуси.
- Поразително е за нас како Скопје, како метропола, милостина да прифаќаме кога скопската градоначалничката Данела Арсовска не сака да го реши проблемот со јавниот градски превоз. Сметам дека Арсовска треба да има посериозен пристап кон проблемот, со недостигот на автобуси. Секој друг коментар е вишок. Мислам дека на граѓаните им е јасно – истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски апелира – градоначалничката на Скопје, Арсовска посериозно да се позанимава со овој проблем.
Јавниот превоз во Скопје е во сериозни проблеми подолг период, особено со стартот на учебната година. Од прекумерно доцнење на автобусите и лошата кондиција на возилата до протести на приватните превозниците.





