Отворен Музеј на христијанското и исламското наследство во Битола

Во Битола синоќа , во рамките на прославата 90 години постоење на Завод и музеј Битола на свечен начин и со мал перформанс беше отворен Mузејот на христијанското и исламското наследство кој се наоѓа во „Јени џамија“.



Џамијата датира од 16. век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална и најголема црква во Битола „Свети Ѓорѓи“ и христијанска некропола.

Внатре е поставен стаклен под, под кого се гледаат темелите, а сето тоа да биде налик на Света Софија од Истанбул и да ги обединува христијанското и исламското културно наследство.

Овој проект, реализиран од Националната установа Завод и Музеј, претставува уникатен пример на културно и духовно единство.

„Без оглед на јазикот на кој му се молиме на Бога, дали го нарекуваме Господ Исус Христос или Алах, сите ние сме верници. Вербата е љубов, а љубовта е тоа што треба да нè обединува“, истакна Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, на отворањето.

Таа нагласи дека овој споменик сведочи за важноста на заедништвото и отпорот кон глобалните трендови што поттикнуваат поделби и омраза.

„Имаме разни фази од сакралниот објект кои датираат од 7. до 11. век. Една од нив е и катедралната црква ‘Св. Ѓорѓи’, поточно ова е еден фрагмент од основата на црквата. Инаку, таа катедрална црква е по габарит многу поголема од Јени џамија и затоа сведоци сме дека имаме застаклени делови пред џамијата каде се гледаат дел од ѕидовите и темелите на црквата“, рече Зоран Николовски, директор на Завод и музеј Битола.

Ископувањата во и околу џамијата траеја од 2003, претходно објектот беше Галерија, а Исламската верска заедница (ИВЗ) водеше и судски спор за да го добие имотот, но го загуби.