Отворање мултиинтеграциски перспективи за Македонија во мултиполарниот и во „трансакцискиот свет“ на Трамп, поради блокираната евроинтеграција

Пишува: Свето Тоевски



„Оние кои не учат од својата историја, кои не го паметат своето минато, осудени се таа нивна историја и минато да им се повторат!“ – предупредил шпанско-американскиот филозоф, книжевник и професор во Универзитетот Харвард Хорхе – Џорџ Руиз де Сантајана (1863-1952). Во пресрет на распадот на Турската империја на 16 декември 1912 година на Лондонската конференција била донесена катастрофалната одлука на големите европски сили за судбината на дотогашната османска етничка Македонија и нејзината територија, без никакво присуство на легитимни претставници на незаштитениот македонски народ: таа територија била распарчена од геостратегиски и геополитички причини и им била дадена на Грција и Бугарија и Србија, а помал дел и на Албанија. Македонците од домороден народ станале национални малцинства во деловите на Македонија, кои им припаднале на Бугарија, Грција и Албанија. Денес Владата и претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова со својата промакедонска и проактивна политика покажуваат дека среде геополитичкиот хаос на европскиот континент, откако започнаа и „револуцијата и геополитичките грмотевици на Трамп“ во светот, овојпат македонскиот народ има свои легитимни државни и политички претставници, кои нема да дозволат му да се повторат катастрофалната историја и минато од пред 112 и 113 години.

Краткорочно тактичко и среднорочно и долгорочно (ре)позиционирање на Македонија веќе како активен чинител на европската и светската сцена

Започнати се исклучително значајни активности за краткорочно тактичко и среднорочно и долгорочно стратегиско позиционирање на Македонија во Балканот и и уште пошироко, глобално, кои означуваат дека македонскиот народ, но и сите други граѓани на Македонија, се веќе активен чинител на европската и светската геополитичка сцена! Оти  судбината на Македонија нема да се решава повеќе на никакви меѓународни конференции и меѓусебни договарања на лидери на овие, или оние држави, туку дека Македонците ја земаат во свои раце судбината на Македонија и тие самите веќе самите решаваат и ќе решаваат за Македонија, заедно со другите нејзини граѓани, отворајќи нови мултиинтеграциски перспективи во ерата на мултиполарниот свет, наместо фантомската „евроинтеграција“, за кој се крие планот за распад на македонската држава. Показ и доказ за активното присуство на македонскиот народ на светските политички мапи преку неговото државно-политичко раководство се директните веќе неколкукратни присуства во официјален Вашингтон, директните контакти на соодветно високи рамништа со републиканската администрација на претседателот Трамп, се поразвиените веќе и стратегиски партнерства со Унгарија на Виктор Орбан – еден од главните лидери на новата политичка Европа и новата реформирана Европска унија на суверени нации, но и со Турција на Реџеп Таип Ердоган – државата, која допрва ќе има решавачка улога во Балканот, регионот означен како „буре барут, што може да се потпали“ напоредно со активирање на разноразните великодржавни идеологии, со нови „територијални апетити“ кон преостанатава Македонија, слично како што беше и на Лондонската Конференција во 1912 година…  

Зарем случајно посочи македонската претседателка Силјановска-Давкова на „важноста на мултиполарниот свет“, односно на мултиинтеграцијата, наспроти „рајската евроинтеграција“?

Можат да се наредат „мал милион“ аргументи од политички и особено безбедносен аспект кои се потребата и ползата да се развива се подлабоко и се постабилно не само стратегиско партнерство, туку и геополитичко сојузништво со Доналд Трамп и неговата републиканска Америка. Можат да се наредат „мал милион“ аргументи од политички и особено безбедносен аспект кои се потребата и ползата да се развиваат се подлабоки и се постабилни не само стратегиски партнерства, туку и геополитички сојузништва и со Унгарија и Турција, особено во контекстот на сегашните „добрососедски односи“ кон Република Македонија… Притоа, воопшто не треба да заборавиме дека и Унгарија и Турција се членки на НАТО… Значи, се развива и се применува нов политичко-државен пристап на Република Македонија, кој одговара на моментните меѓународни и геополитички околности во Балканот, Европа и светот, но кој ги зема предвид и историските факти од поблиската и подалечна македонска историја.

Тој заземен курс и политичко-државен пристап на Република Македонија не само што не ги затвора перспективите, туку напротив ги отвора, односно создава простор за проактивна  и промакедонска политика, или во дадените околности да обезбеди најдобра можна позиција за Македонија. Дали случајно, онака порача претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова на почетокот на својата официјална посета на Азербејџан дека „се препознава важноста на мултиполарниот свет“? Кое е суштинското значење на овој став на шефицата на македонската држава? Република Македонија започнува со свои нови и стратегиски исчекори во насока и на сопствената мултиинтеграција, наместо само блокираната „рајска евроинтеграција“, Република Македонија започнува со свое репозиционирање во настапената ера на мултиполарниот свет!

Ако некој не те прима дома, ем и те понижува, зарем ќе продолжиш како да му тропаш на врата?!

Република Македонија е дел од европскиот континент, но однесувањето кон неа од страна на оваа и ваква Европска унија налага да се започне со градење односи само на политичко и економско партнерство со неа, во очекување додека таа се реформира согласно со суверенистичките барања на разбудените европски народи во Европска унија на суверените нации. Та зарем ако некој не сака да те прими дома, во своето семејство, ќе продолжиш како да му тропаш на порти, трпејќи да те понижува, да те уценува и да ти наредува, или сосема легитимно и сосема разумно ќе се обѕрнеш и наоколу себе, пошироко и подалеку, кај има други, кои ќе те прифатат и ќе те почитуваат, со помагање и соработување?! Ова е легитимен, одговорен, и разумен чин во сегашниот момент! Ова е чин на самопочит и самоодбрана на македонскиот народ во овие судбински моменти!

Авторот на овие редови, без никаква намера да шири евроскептицизам и ставови против ЕУ, аргументира дека денес под маската на “евроинтеграција” оваа Европска унија и одделни водечки држави на Европската унија повторно се поставени од геостратегиски и геополитички причини против Македонија, во полза на Бугарија и Грција, слично како и големите европски сили пред 112 и 113 години. Сите доаѓања на европски емисари и комесари, но и на бројни високопозиционирани американски дипломати од претходните администрации на САД, за ново менување на уставот на Македонија, претставуваа формално и официјално непрогласена политичко-идентитетска агресија врз Македонија. Меѓународното насилно наметнување на двата „добрососедски договора“ со Бугарија и Грција, како и инсистирањето тие „доследно да се спроведуваат“, има за цел да се доврши  недовршеното од 1913 година: со одземањето на името Македонија и давањето на „вистинскиот сопственик“ – Грција, со меѓусебната поделба на македонската историја, на Грција античката, а на Бугарија средновековната и нововековната до 1944/1945, како со и поделба на преостанатото парче Вардарска Македонија – заради „конечно и целосно решавање на македонското прашање“ на Балканот“.

Нов проактивен и промакедонски пристап и дипломатско-политичка офанзива, за разлика од заговарањето на „безначајноста“ на Македонија

Сегашната меѓународна дипломатско-политичка офанзива на државно-политичкото раководство на Република Македонија е насочена кон тоа како македонски народ и како граѓани на Република Македонија да испливаме над водата, која ни ја полнат до грло во базенот на фантомските „евроинтеграции“, како и со двата „добрососедски договора“, кои не ставаат во дефанзива, но и многу повеќе од тоа: кои нѐ туркаат кон бездната на пропаста. Заземен е проактивен меѓународен државно-политички пристап, за разлика на противмакедонскиот став на пропаднатиот „северен“ политичар и така наречен „претседател“ Стево Пендаровски, кој заговара дека сме „мала и безначајна држава’, која „треба да знае кај ѝ е местото“ и оти „не ни доликува да застануваме рамо до рамо со Трамп и Америка“, дека не ни доликува да го поддржуваме?!

Но сите досегашни и претстојни активности на државно-политичкото раководство на Република Македонија нема да го дадат целосниот и вистински ефект, ако во нив не се вклучи и опозицијата. Што значи ова? Како што се здружија старите македонски илинденци и револуционери во Втората светска војна со тогашните македонски комунисти во борбата против германскиот и бугарскиот фашизам и против нивните домашни соработници, како што тогаш се создаде слободната и суверена македонска држава македонија, така и денес треба да се тргнат настрана караниците и разликите во политичките програми меѓу власта и опозицијата и да се обликува единствен државен став и државна позиција наспрема светот. Така и денес е потребно македонското национално единство, заради опстојот и развојот на Република Македонија во овие критични моменти. Важно е во сегашниве променети гополитички околности во Европа да се развие и своевидна дипломатско-политичка офанзива за градење вистински доброседски односи на македонскиот со бугарскиот, грчкиот и другите народи во Балканот. Балканот ќе биде регион каде што допрва ќе претстои редефинирање на односите меѓу државите и народите. Но, со Бугарскиот и Преспанскиот договор не може да има иднина ниту за Македонија во Балканот, ниту тој да се развива во целина земено како зона каде што ќе има разбирање, мир, сопостоење и заемна соработка.

Македонија се повеќе и проактивно го бара своето место и во „трансакцискиот свет“ на Доналд Трамп

Тројца експерти на Европскиот совет за меѓународни односи, д-р Тимоти Еш Гартон, професор емеритус (заслужен и истакнат професор во пензија) по европска историја на Универзитетот во Оксфорд, Англија, д-р Иван Крастев, политиколог, раководител на Центарот за либерални студии во Софија, Бугарија и постојан истражувач во Институтот за хуманистички науки во Виена, Австрија, како д-р Марк Леонард, експерт за геополитика и ЕУ, кој е и директор на Европскиот совет за надворешни односи, изготвија обемна политичка анализа со наслов „Осамена во светот на Трамп: ЕУ и глобалното јавно мислење по изборите во САД“, објавена на 15 јануари 2025 година. Пренесуваме само неколку од клучните заклучоци од оваа студија, кои имаат значење и за Република Македонија. „Потребна е нова стратегија за Европа во трансакцискиот свет на Доналд Трамп. Голем предизвик ќе биде за Европејците да си го најдат своето место во овој нов свет. Западот не е единствен геополитички актер. Наместо да се обидуваат да водат глобална либерална опозиција на Трамп, Европејците треба да ги разберат сопствените сили и да се справат со светот каков што ќе го најдат.“ – укажуваат Гартон, Крастев и Леонард, предупредувајќи ја Европската унија да не му тера своевиден „инает“ и да не му изигрува „геополитичка опозиција“ на американскиот претседател Трамп, за да не се најде во ситуација да остане „сама и изолирана во неговиот трансакциски свет, кој наидува на поддршка и симпатии низ светот“, како што констатираат тројцата експерти.

Тоа што тие ја советуваат ЕУ да прави, тоа Република Македонија веќе и го презема, можеби меѓу најпрвите држави на европскиот континент, после Унгарија! Република Македонија преку своето државно-политичко раководство е веќе присутна низ светските метрополи, првенствено во Вашингтон, Република Македонија веќе си го бара проактивно и си го наоѓа постапно своето место како достоинствена држава во „трансакцискиот свет на Трамп“. Република Македонија преку своето државно-политичко раководство на тој начин испраќа порака и до ЕУ и до сите други асоцијации на држави и пооделни држави дека нема за неа да се расправа повеќе на какви било меѓународни конференции. Република Македонија ја отфрла позицијата, која ѝ ја наметнуваат пропаднатите и морално урнисани политичари од типот на Пендаровски, но и редица и европски лидери и државници, да биде изолирана, безначајна и беспомошна државичка, потклоцнувана од автократите од Брисел, неизбрани од никого и дојдени во судир со европските народи, во чие би требало да владеат.

(Авторот изнесува во оваа анализа ставови од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ставови на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка политика и ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)