Адвокатската комора му ја одзела лиценцата на адвокатот на три години, откако од Центарот за социјални работи во Свети Николе бил пријавен дека нападнал и им се заканувал на службеници на Центарот, во врска со случај што го водел.
Надлежните органи во земјава распишаа меѓународна потерница по осомничениот кој на 25 ноември со умисла подметна пожар во Адвокатската комора, користејќи коцки керозин и плинска запалка. Станува збор за адвокатот Александар Ристески, кому неколку недели пред настанот му била одземена лиценцата од страна на Комората поради дисциплински прекршок.

Меѓународната потерница е објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР), која како што е наведено е распишана по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје.
Пријавата за прекршокот на Ристески, како што објави ТВ Телма, во Адвокатската комора ја поднеле од Центарот за социјални работи во Свети Николе, од каде се жалеле дека адвокатот нападнал и им се заканувал на службеници на Центарот во врска со случај што го водел тој.
Службениците, како што рекле од Адвокатската комора за телевизијата, биле повикани како сведоци и нивните изјави се документирани, по што дисциплинскиот суд на Комората, која е независно тело, донел одлука за одземање на адвокатската лиценца на Ристески на три години. Тој, велат од Комората, иако има право, не поднел жалба на одлуката на дисциплинскиот суд.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека отворило истрага против 41-годишен скопјанец за намерно предизвикување пожар во зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора, а во кој е предизвикана материјална штета во износ од околу 150 000 евра. Според Обвинителството, осомничениот се гони за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.





