Московскиот суд се состана доцна вечерва за да ги сослуша барањата на обвинителите за притвор за група мажи приведени по нападот во петокот во концертната сала „Крокус сити хол“, во кој загинаа над 130 луѓе.
Осомничените, сите државјани на Таџикистан, се појавија пред судот поединечно. Досега е подигнато обвинение за тероризам за 32-годишниот Далерџон Мирзоев, кому му се заканува доживотна затворска казна доколку биде прогласен за виновен. Обвинителите му кажаа на судијата Тимур Вахрамеев дека тој ја признал вината.
Судот реши да одлучува зад затворени врати.
На снимката од местото на настанот се гледа осомничениот затворен во стаклен кафез во судницата.
Се дознава дека Мирзоев е татко на четири деца. Тој е ставен во двомесечен притвор, што е стандардна практика во Русија за случаи од ваков карактер.
Вториот маж, Саидакрами Рачабализод, исто така, наводно, се изјаснил за виновен. Тој има едно дете и се појави со преврзано десно уво, откако при апсењето се здобил со повреда. И нему му е одреден двомесечен притвор.
Судот доби и претставки за апсењето на уште двајца обвинети – Мухамедсобир Фајзов и Шамсидин Фаридуни.
Осомничените, кои исто така се соочуваат со обвиненија за тероризам, веќе се пренесени во судот.






