Кога им било понуден избор од неколку факултативни предмети, учениците од второ, трето и четврто одделение од училиштето „Велко Влаховиќ“ од Нови Сад одлучиле да го слушаат предметот Македонски јазик со елементи на националната култура.
Освен унгарски и ромски јазик, учениците првпат ја избрале можноста да научат македонски јазик и да се запознаат со националните обележја на Република Македонија, нејзината историја, култура, обичаи, природни убавини, убавината на нејзините луѓе, пишува порталот „Публицитет“.
„Експрес.мк“ неодамна пренесе вест дека како резултат на долгогодишната соработка меѓу Сојузот на Македонците од Вршац и Националниот совет на Македонците, од неодамна, во основното училиште „Моша Пијаде“ (насловна фотографија) во селото Гудурица, Вршац, шест ученици учат македонски јазик со елементи на националната култура.
„Важно е да ги научат основните фрази, основните разлики во јазиците и важни информации за македонската култура и јазик“, вели Мирослав Милоевиќ, наставник по македонски јазик со елементи на националната култура, според кој расте бројот на заинтересирани.
Љубовта кон предметот им ја всадила наставничката Снежана Алексиќ-Станојловиќ, писателка, која организира едукативно-креативни работилници за деца, гостувања и афирмација на македонските книжевници и ликовни уметници, остварува пријателска соработка со ОУ „Кирил и Методиј“ од с. Кучевиште кај Скопје, реализира часови по српски во Македонија и часови по македонски во Србија, воспоставува стручна соработка и разменува искуства од „добрата пракса“ со просветниот кадар во Македонија, се вели во текстот објавен на порталот.
Ова е првпат во Нови Сад да постои училиште во кое официјално се учи предмет „македонски јазик“ со елементи на националната култура. Групата ја сочинуваат 18 ученици на возраст од осум до десет години, а меѓу нив само неколку имаат македонско потекло.
По Втората светска војна во Војводина беа раселени многу Македонци од Македонија.





