Потпретседателот на македонската Влада задолжен за европски интеграции, Бујар Османи, на денешната конференција во Виена за новата стратегија на Европска унија за Западен Балкан изјави дека регионот сака да биде под „чадорот на благосостојбата“ на ЕУ.
„Уверен сум дека прашањето на името ќе биде решено до јуни, за Македонија во јули да добие повик за членство во НАТО и да тргне во преговарачки процес со ЕУ“, изјави тој.
Според него, охрабрувачки за Унијата е тоа што во моментот кога една членка истапува шест земји сакаат да влезат. Од претседавањето на Бугарија, на Австрија и на Романија тој очекува ЕУ да се фокусира на Западен Балкан и предлага мотото на австриското претседателство да биде „Европа не е целосна без Западен Балкан“.
Хедвиг Морвани од Европски фонд за Балкан смета дека „решавањето на спорот за името на Македонија би можело да биде позитивна мотивација за целиот регион“.
Решавање на тој спор очекува и Иван Вејвода од виенскиот Институт за хумани науки.





