Османи: Груби згрешил што бегал

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, јавно го прекори донеодамнешниот вицепремиер и партиски колега Артан Груби што збриша од државата како осомничен во корупцискиот случај „Државна лотарија“.



„Еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и за нивните постапки“, изјави Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Поранешниот министер за надворешни работи, кој го истурка Францускиот предлог за Бугари во Уставот наспроти противењето на мнозинството Македонци, ја критикува државата за „злоупотреба“ на случајот со Груби.

„Сметам дека Владата претерува со злоупотребата на овој случај. Дури се оди до злоупотреба на настанот кога полицијата влегува дома, како реагирале малолетните деца. Не смееме да дозволиме една одмазда, која е лична веќе. Сериозни држави тоа не го прават. Има правен процес, има потерница, оставете луѓето да ја завршат работата“, бара Османи.