Изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за грчката ТВ Скај дека сме земја без име, е дадена во позитивен контекст и се однесува на актуелната состојба со употребата на привремената референца за државата во меѓународните организации, објаснува вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
– Изјавата на Ахмети беше дадена во позитивен контекст во смисла дека Република Македонија во меѓународните институции реално е признаена под референцата ПЈРМ, што ниту е желба на граѓаните, ниту е прифатена од граѓаните, ниту е постојано решение. Едноставно во меѓународните институции имаме некое привремено решение, односно немаме име. Господинот Ахмети реферира дека преговорите се однесуваат на решавање на тој спор и замена на референцата со име кое ќе биде трајно. Привремени решенија не даваат добри сигнали за самата држава. Нам ни требаат трајни решенија за трајна држава, рече вицепремиерот Османи.
Според него, ДУИ има конструктивна улога во целиот процес. Вклучена е целосно во процесот и градењето на став по ова прашање, а Ахмети е дел од лидерските средби и е во постојана комуникација со премиерот Заев по ова прашање.
– Можеби имаме разлики по ова прашање, но немаме какви било недоразбирања или желби за попречување на процесот, туку тоа се конструктивни разлики, идеи и совети кои се обидуваат да помогнат на процесот, вели Османи.
Тој додава дека Ахмети е долго во овој процес и е запознаен со ставовите на сите партии и со сите моменти, така што според него, неговите совети се многу важни и се препознаени и од Нимиц и од политичките фактори во Македонија.
Запрашан дали постојат разлики меѓу членовите на владината коалиција со оглед дека Ахмети смета дека се можни уставни промени, а премиерот Заев јавно изјави дека тие се направени веќе во 1993 година и не се потребни нови промени, рече дека сега не е време да се отвораат овие прашања, туку потребно е анализирање на целата општествена, политичка енергија во наоѓање на решение кое ќе биде прифатливо.
Тој додаде дека за прашањето за името не може да има парцијално решение, туку мора да биде едно и единствено решение прифатливо за двете држави без можност потоа за блокирање од страна на Грција.





