Ослободувањето на Кичево на 11.9.1943 по жестоките борби со великоалбанските балистички формации и италијанските и бугарските единици

На денешен ден, на 11 септември 1943 единиците на Првиот кичевски и Вториот мавровски одред го заземаат Кичево и тоа станува првиот ослободен град во Македонија во Втората светска војна. Но тоа ќе биде градот, кој дури шест пати бил окупиран и ослободуван во жестоките битки меѓу македонските партизански единици  и непријателот.



Со спогодбата на фашистичките земји од 20 април 1941 година била одредена и демаркациската линија меѓу двата сојузника Бугарија и Италија. Западна Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга и преспанските села првично биле окупирани од германските сили, а потоа со посебен декрет биле предадени во владеење на фашистичка Италија. Италијанците ја предале цивилната власт на албанските квислинзи од великоалбанската воено-политичка формација „Бали комбетар“. Судирот на интереси меѓу Италија и Бугарија се одвивал токму во Кичевскиот регион: против македонскиот народ на теренот паралелно се појавиле и заалбанските слуги на Италија и забугароманските комитети во служба на Бугарија.

Првите обиди за организација и окупацијата на Кичево

Македонскиот народ, паралелно со овие настани веднаш започнал со организирање на движењето на отпорот. Главна улога во организацијата одиграл Кузман Јосифоски – Питу, кој во летото 1940 година, оформил партиско поверенство.

Најпрво биле укинати сите воени, судски, просветни и административни органи, а на нивно место се отвориле албански институции, во кои службен јазик бил само албанскиот, а сѐ со цел да се воведе омраза помеѓу македонското и албанското население. Со ова почнале да се формираат и локални балистички банди кои ги водел Мефаил Шеху. Биле спалени селата Извор, Пополжани, Карбуница, а биле извршени убиства низ селата Осој, Јагол, Доленци, Карбуница, Осломеј и во неколку други, со цел да се заплаши месното македонско население и да ѝ се потчини на новата окупаторска власт. Како најкрвави настани народот ги запомнил стрелањата на членовите на организацијата од село Карбуница извршено во ноември 1943, но и палежите и убиствата во Кленоец. Најголем злостор во Кичевско бил извршен во мај 1944 година попознат како крвав Ѓурѓовден, кога балистичките банди откако ги ограбиле селата Иванчишта и Кленоец, го запалиле селото Попоец, а нивните селани ги собрале пред селската црква, каде после тепањето, некои од селаните (претежно мажи), живи ги фрлале во оган. Истото го повториле во селото Малкоец.

Формирање на првите ослободителни чети

Најголем товар во организацијата на отпорот и борбата за слобода го носела КПМ. Месноста Лопушник била избрана за неформален воен и политички центар за организација и дејствување во Кичевскиот крај. Во непосредна близина била пренесена од Битуше, првата печатница „Гоце Делчев“, но се издавал и партизанскиот билтен кој бил уредуван и редактиран од Кочо Рацин. Во април 1943 година се создал првиот кичевски партизански одред „Козјак“. Подоцна им се приклучиле борците од крушевскиот одред „Питу Гули“, од Мавровскиот одред „Кораб“, како и борци од Дебрца. На 21 мај 1943 година се создал Кичевско-мавровскиот партизански одред.

Борбата за слобода и првото ослободување на Кичево

Првите акции на овие борци се: нападот на карабинерската станица во Сливово (Охридско), како и општинската зграда во Брждани. Извршени биле и диверзантски акции со сечење на телефонски столбови и рушење мостови. Силен оддек дала нивната акција од 14 јуни 1943, кога на Пресека бил нападнат италијански воз. Оваа акција го кренала моралот и меѓу населението, кое се помасовно се приклучувало кон националното ослободителско движење. Со капитулацијата на Италија меѓу 8 и 9 септември 1943 се разгореле и битките во овој регион. Италијанските војски при повлекувањето оставале пустош низ селата, а паралелно со нив германските и бугарските окупатори се обидувале да се пробијат и да се постават на нивните позиции. На 11 септември 1943 единиците на Првиот кичевски и Вториот мавровски одред го заземаат Кичево. Со ова Кичево станува првиот ослободен град во Македонија во Втората светска војна. Следниот ден им се приклучил и Првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“ со што била создадена слободна територија од превојот Буковиќ до селото Ботун, со два ослободени града Кичево и Дебар. Населението од овој крај уживало во својата слобода 21 ден. Покрај поставување на народна власт, било отворено училиште на македонски јазик во селото Подвис.

Повторната окупација на Кичево

Германските војски заедно со балистичките банди на Џемо и Мефаил, извршиле напад на стражарската позиција кај превојот Буковиќ, каде во нерамна борба, целодневен отпор давала четата предводена од комесарот Мирко Милески. Во оваа битка на 1 октомври 1943, загинала целата чета на Милески, вклучуваќи го и него. Со ова паднало Кичево под втора окупација. На 6 октомври бројните германски и балистички групи се судриле со македонските партизани во селото Кленоец, каде нивниот пробив бил сопрен со фронтална битка во самото село. Меѓу жртвите биле Јосиф Јосифоски-Свештарот, Мите Трпески како и Трајан Белев. По скоро еден цел месец, Кичево повторно било ослободено на 1 ноември 1943, при што биле заробени 19 германски војници со потполковникот Хедлер, како и 30 припадници на балистичките групи. По само четири дена партизанските единици биле принудени да се повлечат и повторно да му го отстапат градот на окупаторот.

По нецела година проследена со неколку напади и битки со окупаторот на 1 септември 1944 по повеќечасовна битка Кичево било ослободено по трет пат. Градот на неколку пати го менувал својот статус на ослободен и окупиран град. За конечната на Кичево биле пресудни битките, кои отпочнале на 14 ноември кај селата Тајмиште и Колари. Тие битки се пренеле и во самиот град и на 15 ноември 1944 Кичево е конечно ослободено. Со тоа се навести конечното ослободување на Македонија.

Извор: Википедија