Музичарот Златко Ориѓански смета дека министерот за култура Роберт Алаѓозоски треба да си даде оставка.
Причината е доделувањето средства за прослава на јубилеј на приватна фирма, што беше откриено во објавената годишна програма на Министерството за култура.
„Министре за култура, ако на приватна фирма сте доделиле 100 евра за одбележување на нејзината 25-годишна работа, дали тоа значи дека секоја македонска фирма независно дали прави бурек или шишиња може да побара од државата иста таква сума за прослава на својата годишнина?
За вакви битангерски работи Вие треба да поднесете оставка! Во нормална земја со изграден правен систем, обвинителство и полиција, сите заедно би добиле кривична пријава“, пишува Ориѓански, кој и во времето на ВМРО-ДПМНЕ јавно реагираше за корупцијата и за незаконските активности на државните институции.





