Орданоски: Македонија ќе мора да „проголта“ менување на Уставот

Политичкиот аналитичар близок до актуелната власт, Сашо Орданоски, во својата последна колумна навестува каков ќе биде исходот од преговорите со Грција во врска со спорот за името, кои, според него, „ќе потраат неколку месеци, пред да се одигра финалето“.



„Сакам да кажам, без паника околу најверојатната почетна неприфатливост на предлозите што деновиве ќе ‘протечат’ во грчката или во македонската јавност. Од грчка страна, тие ќе бидат резултат на потребата во нивната јавност и дефинитивно да се ‘проголта’ фактот дека зборот Македонија ќе се содржи во решението; од македонска страна, пак, во нашата јавност ќе треба да се ‘проголта’ фактот дека, кога и ако се стигне до решението, ќе се бара тоа да биде впишано и во нашиот Устав“, дециден е Орданоски.

Споредувајќи ја борбата на македонските ракометари на Европското првенство во Хрватска со борбата која ја води македонската дипломатија, Орданоски истакнува дека Македонија „деновиве остварува минимални, но значајни победи“, при што како прва победа го смета ратификувањето на Договорот за добрососедство со Софија.

„Во второто коло“ е средување на спорот со името, каде Грција може да употреби различни тактики, бидејќи „преговараме со Грци, па ништо не мора да е така како што изгледа“, вели Орданоски.

„Не е исклучено Грците да излезат со такви барања кои ќе значат понатамошно продлабочување на македонските внатрешно-политички несогласувања, па дури и со предлози кои ќе внесат раздор во македонско-албанските односи. Бидејќи, да потсетам, преговараме со Грци, можно е тие својата позиција да ја проектираат на уште еден неуспех во изнаоѓање решение на спорот со името, но од тоа да сакаат малку и да авансираат во својата грчко-српска, антиалбанска оска на Балканот“, потенцира политичкиот аналитичар.

Покрај Бугарија и Грција, Орданоски ги споменува и српските, односно албанските замешателства, со што Македонија одново станала центар на регионалниот интерес за на крајот да побара од граѓаните „трпение до спасение“, бидејќи, како што повторно со спортски жаргон уверува, „во разрешницата, во ‘второто коло’, за некој месец ќе се создаде одредена кратка, но опиплива можност ‘тешкашите’ од Брисел, Берлин и Париз, во содејство со Вашингтон и Лондон, да се вклучат во резимирање на одлуката за спорот со името и, во еден поцврст налет, да протуркаат некаков македонско-грчки договор“.