Унгарскиот премиер Виктор Орбан се состана со поранешниот американски претседател Доналд Трамп во неговиот дом во Мар-а-Лаго во Флорида, каде што двајцата разговараа за „можностите за мир“, во Украина.



Орбан, долгогодишен поддржувач на Трамп, ги посети Киев, Москва и Пекинг во изминатите две недели во самонаречена „мировна мисија“, што ги налути сојузниците во НАТО.

„Беше чест да го посетам претседателот [Доналд Трамп] во Мар-а-Лаго денес. Разговаравме за начините за постигнување мир. Добрата вест на денот: тој ќе го реши!“, напиша Орбан на ‘X’.

Таканаречената мировна иницијатива на Орбан вознемири и многу членки на Европската унија, чие ротирачко претседателство Унгарија го презеде на почетокот на овој месец.

Орбан, кој се смета за најблизок европски лидер до рускиот Владимир Путин, оваа недела беше во САД каде присуствуваше на самитот на НАТО, чиј домаќин беше претседателот Џо Бајден.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави за новинската агенција Ројтерс во средата дека Унгарија верува дека второто претседателство на Трамп ќе ги зголеми надежите за мир во Украина и дека Орбан се надева дека ќе стави крај на војната преку мировни разговори во кои ќе бидат вклучени и Русија и Украина.