Ем без милион евра на сметка, ем без катна гаража. Ова е општинското салдо на центарци, откако Апелација пресуди дека општината Центар мора да плати оштета за неизградената гаража. Врховниот суд е последната станица која ќе одлучи дали Општина Центар ќе ги врати парите што ги исплати, пишува Радио слободна Европа.
Скопјанката Силвана М. со месеци не може да закупи месечна карта за паркинг во центарот на градот, за да може да го остави автомобилот на паркинг во близина на банката во која работи. Проблемот е во тоа што сите шест катни гаражи во општината ги исполниле своите капацитети и нема место за нови клиенти.
„Неколку месеци поминаа откако поднесов барање за да купам месечна карта за паркингот спротив „Нова Македонија“, но место нема. Принудена сум секој ден да се снаоѓам – некогаш плаќам по изминати часови, што е двојно поскапо. Некогаш, го оставам автомобилот по тесни улички, со ризик да го крене „Пајак службата“ и да платам казна“, вели таа.
Овој паркинг е под капата на скопското претпријатие „Градски паркинг“, иако е на територија на општината Центар. Додека Силвана и многу други како неа чекаат да се реши проблемот со паркирањето во центарот на градот, полн со административни служби, голем број вработени и со нивни автомобили, до Општина Центар стигна сметка за наплата за оштета за неизградена катна гаража. За неизградената барокна гаража на седум ката што требаше да никне во паркот спроти зградата на НИП „Нова Македонија“ пред една деценија, скопската општина Центар на 31 јули ѝ платила 1,2 милиони евра оштета за испуштена добивка на фирмата „Пелагонија“ АД Гостивар. Ова го покажуваат податоците од владиниот финансиски портал „ Отворени финансии“.
„Дополнително, покрај основниот долг, Општината треба да исплати и камати, со што севкупниот долг ќе се дуплира“, велат од општината. Оттаму додаваат дека исплатата на каматата ќе биде планирана во буџетот за 2025 година. „Исплатата на истата ќе зависи од разрешницата по поднесената ревизија“, се вели во одговорот од Општината. Исплатата е по основ на судско решение, односно по донесената пресуда од Апелациониот суд.






