
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации во петокот соопшти дека речиси 70 отсто од потврдените жртви во тековниот конфликт во Газа се жени и деца.
Организацијата го осуди „систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право“, нагласувајќи ја својата загриженост за принципите на дистинкција и пропорционалност во непријателствата, пренесува „Ројтерс“.
Извештајот на ОН ги опфаќа првите седум месеци од конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, кој започна пред повеќе од една година. Во овој период, ОН документираа 8.119 жртви, значително помалку од повеќе од 43.000 смртни случаи пријавени од палестинските здравствени власти за целото 13-месечно времетраење на конфликтот.
Според извештајот на ОН, 44 отсто од жртвите биле деца, а најголема група се оние на возраст од пет до девет години, а потоа следат децата на возраст од 10 до 14 години и децата на возраст до четири години.
Во извештајот, исто така, се наведува дека во 88 отсто од случаите, пет или повеќе луѓе биле убиени во еден напад, што укажува на употреба на оружје со долг дострел од страна на израелските сили. Најмладата жртва документирана од ОН е еднодневно новородено момче, а најстарата е 97-годишна жена.
Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Тирк повика на веродостоен и непристрасен судски надзор на наводните прекршувања на меѓународното право и ја истакна важноста од собирање и зачувување докази за време на тековните истраги.
Израел, кој ја започна својата воена офанзива по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 Израелци и киднапирани повеќе од 250 заложници, допрва треба да даде официјален одговор на извештајот.




