„Денеска, на 12-ти септември, 2024 година по повод 100 години од Денот на Геноцидот врз Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин и представници на други македонски организации во Благоевград положија цвеќе на споменикот на Гоце Делчев.“ – објави на својот фејсбук-профил организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин.
Традиционално секоја година се организира одбележување на настанот, кој е случил на 12 септември 1924 година и кој се означува како Ден на геноцидот врз Македонците во Бугарија. „Денешен весник“ на 11 септември 2022 година ја има пренесено објавата на ОМО Илинден – Пирин за овие настани од историјата, трагични за македонскиот народ во Пиринска Македонија, во која се истакнува: Станува збор за еден од најголемите масакри извршени од страна на крвниците на Ванчо Михајлов (Кирил Дрангов, Јордан Ѓурков, Панче Михајлов, Васил Шалдев, Петар Шанданов и други), подржани од тогашната бугарска власт, со директно учество на бугарска полиција и војска, како нивна поткрепа во атентатите.
Ванчо Иван Михајлов заедно со бугарскиот министер за војна генерал Иван В’лков ги определиле лицата, кои требале да бидат убиени и за таа цел формирале терористички групи. Во нивниот план, покрај директно обвинетите лица за убиството на Тодор Александров, ги ставиле сите лица од Илинденската организација (Георги Занков, Славчо Пирчев, Александар Ефтимов, Владислав Георгиев, Михаил Чаков, Петар Ацев, Славчо Ковачев, Арсениј Јовков, Ангел Динев и Иван Серфимов-Аговски), како и сите лица кои се спротивставиле на ванчомихајловистичката политика на „решавање на македонското прашање“.
За оваа цел се ангажирал министерот Стоенчев од деветојунскиот кабинет на бугарскиот премиер Цанков. Зад Стоенчев стоел Александар Протогеров, со кој во минатото се бореа против внатрешните чети на организацијата, а и двајцата биле разоружани од македонската милиција и комитите на Сандо Китанов, Сандански и Чернопеев. На ова “Советување” во Горна Џумаја, лично Ванчо Михајлов испратил покани до Илинденската организација, како и до луѓето блиски на Димо Хаџи Димов (Христо Јанков, Ангел Динев, Доне Попчето, Ангел Поп Василев, Гоце Грков, Милан Ангелов и Крсто Гермов – Шакир), кои сепак не се фатиле на оваа јадица.
На 11 септември 1924 година, во Горна Џумаја допатувале Кирил Дрангов и Панче Михајлов со цел да го убијат Алеко Паша, со цел тоа убиство да биде знак дека може да се отпочне со ликвидација на сите македонски револуционери и личности, кои тие денови пристигнале во Горна Џумаја. Првото собрание се одржало на 12 септември. Откако завршило, по некое време во куќата на Алеко се вратиле Кирил Дрангов и Панче Михалјов, додека надвор куќата ја обиколиле бугарските полицајци, со цел да не побегне некој. Со ова јасно се гледа во чија служба и со чија согласност се вршени овие атентати и ликвидации.
Од 8 часот изутрината до доцна вечерта на 12 септември Горна Џумаја била под опсада од кордон на бугарска војска и полиција, кои не дозволувале никој ниту да влезе, ниту да излезе од градот. Веќе на 13 септември терористите на Михајлов заедно со бугарската полиција почнале да убиваат кого и да сретнат низ улиците на градот. Тој ден прв бил убиен Георги Коларов, па Георги Атанасов, Георги Гевгеличанчето, Димитрето и браќата Коста и Наско Елшански. Од илинденците ранет во нога бил Петар Ацев, додека Арсениј Јовков бил жив фатен, изнесен од градот и убиен.
Кон Мехомиско на мотоцикли биле испратени војници и терористи на ВМРО на Михајлов каде што биле убиени: Георги Ковачев, Георги Пенков и Александар Бујнов. Во Петрич бил убиен Методи Алексиев, а неговите убијци ги ликвидирале и Георги Манолев, Петар Говедарчето, Петар Балкански, Васил Попстојанов и други. Истиот ден во Софија, од страна на ванчомихаловистот Владо Черноземски е убиен Димо Хаџи Димов, а убиени се и Славчо Ковачев и Ангел Василев. Во Пловдив е убиен Чудомир Кантарџиев, а во Станимака – Скрижевски. Убиствата на македонските револуционери продолжиле и наредните денови и месеци.
Ванчо Михајлов го искористил убиството на Тодор Александров како причина за одмазда кон сите Македонци (револуционери и обичен народ), кои решението на македонското прашање го барале преку обединувачкиот „Мајски Манифест“, односно не се сметале како дел од идна бугарска држава, во која Македонците ќе бидат сметани како Бугари. Се смета дека под командата на Ванчо Михајлов се убиени од 2000 до 3000 Македонци низ Пиринска Македонија и Бугарија.
Според други извори, во периодот од 12 септември 1924 година до 19 мај 1934 година биле убиени дури 4 илјади Македонци на рана животна возраст, во цутот на младоста. Први на удар биле и први настрадале санданистите. Биле убиени и малтретирани и многу мирољубиви граѓани и селани од Пиринска Македонија. Поради злосторствата, што ги извршил Иван (Ванчо) Михајлов и неговите џелати, кој бил слепо оружје на бугарскиот двор и дејствувал по наредба на царот Борис Трети и на генералот В’лков, македонскиот народ во Пиринска Македонија го нарекол крволок и главорез.






