Мирниот собир на македонската заедница во Малта го заокружи викендот на протести организирани од Глобално движење #НиеСмеМакедонија #WeAreMacedonia.
„Земјо македонска“ ечеше вчера пред Владата во Валета, а Македонците што живеат и работат во оваа земја се собраа и пред Парламентот.
Овој круг манифестации на Македонците во одбрана на името на државата Република Македонија и на македонскиот национален идентитет почна во петокот во Нов Зеланд (Оукленд) и во Израел (Хаифа), а продолжи во саботата во Италија (Асти), Швајцарија (Женева), Франција (Париз), Германија (Берлин) и Велика Британија (Лондон).
Претходно беа одржани протести во САД (Вашингтон и Њујорк) и во Норвешка, а во план е да се одржат 30 собири во период од две недели на разни локации низ светот каде што има поголема концентрација на Македонци. Првиот протест беше на 14 јануари пред македонската Амбасада во Вашингтон, од каде што Македонците порачаа:„Протестираме против Владата на Република Македонија и пратениците на Собранието на Република Македонија и ги известуваме дека дијаспората започнува масовно движење на Македонците во светот #НиеСмеМакедонија #НашетоИмеЕМакедонија, со единствена цел зачувување на засебноста на Македонецот како рамноправен и почитуван член во светското семејство, без нарушување на македонскиот идентитет, јазик и култура, и унитарноста на државата“.
Паралелно, на линкот во рамките на вебстраницата www.change.org во тек е потпишувањето Декларација #НиеСмеМакедонија Доста беше / Declaration #WeAreMacedonia Enough is Enough, која досега собра 23.000 потписи, а ќе биде доставена на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и на 23 други адреси.





