Од дивиденди и од тргување со акции „Раде Кончар Апаратна техника“ со милионска добивка

За некои големи гиганти може да се каже дека нема зима. Па така, ако се анализира детално, само од дивиденди и од тргување со акции „Раде Кончар Апаратна техника“ лани остварил приход од 570.000 евра што е повеќе од 70% од целиот приход на друштвото лани, пренесе Фактор. Затоа и на скопската фирма, која уште од минатиот систем го носи името на еден од најголемите далматински комунисти кој верувал во пораз на капитализмот и загинал во партизанската војна против фашистите, и прилега епитет дека е македонски синоним за инвестициската фирма на Ворен Бафет



Скопската компанија „Раде Кончар апаратна техника“ е одличен инвеститор во акции. Има портфолио акции од кои одлично заработи. Нема да е претенциозно ако ги именуваме „скопскиот Ворен Бафет“. Тоа го потврдува нивниот годишен извештај за работењето во 2023 година.

Верувале или не, од нивните акции во седум акционерски друштва и од удели во две фирми ќерки инкасирале вкупна дивиденда во износ од 233.000 евра.

Одличен деловен потфат во 2023 година на директорите на „Раде Кончар апаратна техника“. Затоа што вишок средствата на компанијата ги пренасочиле во вложувања во акции. И тоа во , веројатно, едни од најквалитетните хартии од вредност.

Да почнеме со ред. Според податоците што се јавно достапни на СЕИ НЕТ информацискиот систем на Македонската берза за хартии од вредност оваа скопска компанија поседува акции во 3 банки, една пиварска компанија, еден телекомуникациски оператор, фармацевтски гигант и во најголемата македонска хотелиерска компанија. Исто така „Раде Кончар апаратна техника“ има удели и во две свои фирми ќерки: ДОО Р.К. Контактори и релеи и во ДОО Р.К. Заеднички работи.

Најголема дивиденда „Раде Кончар Апаратна техника“ добил од својата фирма ќерка „Р.К. Контактори и релеи“. Ова друштво за изработка на електротехнички елементи на фирмата – мајка и исплатило дивиденда од 88.000 евра од добивката на своето работење во 2023 година. Од другата своја компанија Р.К Заеднички работи фирмата мајка за лани наплатила дивиденда од 41.200 евра. Повеќе може да се види на порталот Фактор.мк.