Од денес до 17 јуни на полноќ прво електронско пријавување во јунскиот уписен рок за ученици во прва година во средните училишта за 2025/2026

Од денес, 14 јуни до 17 јуни 2025 година на полноќ ќе се спроведува првото електронско пријавување во јунскиот рок за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2025/2026 година.

Пријавувањето на учениците е електронски преку врска до системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk

Откако ќе заврши електронското пријавување, учениците на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и на 19 јуни (од 8 до 17 часот) треба да ја достават потребната документација до училиштата. Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница. Во училиштата, каде што ќе има квалификациско тестирање, ќе се организира на 23 јуни 2025, кога ќе бидат објавени и резултатите.

Второто електронско пријавување на учениците за упис во средните училишта во јунскиот рок ќе биде на 30 јуни 2025, од 00:00 часот до 23:59 часот, а потребната документација до училиштата ќе се доставува на 1 јули 2025 од 10 до 19 часот. Следниот ден (2 јули) ќе биде објавена и конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места. Во второто пријавување во јуни квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули 2025.

Пријавувањето во августовскиот уписен рок ќе се врши на 21 август 2025 година од 00.00 часот до 15.00 часот електронски, кога ќе биде и доставувањето на документација до училиштата, а наредниот ден (22 август 2025) училиштата ќе објават конечна ранг-листа со резултатите од запишувањето. Во Конкурсот на Министерството за образование и наука се наведени документите, потребни за запишување во јавните средни училишта, како и насоки за негово спроведување.