Од Дебар до Тирана за еден час!

На 14-ти март, се очекува да биде пуштен во употреба тунелот „Муриз“ – дел од автопатот „Патот на Арбр“, со што од граничниот премин „Блато“ кај Дебар, до Тирана ќе се стигнува за еден час.



„На 14 март ќе го отвориме големиот тунел „Муриз“ за пристап за сите возила, а ќе продолжиме со работа на помошниот тунел, кој е за итни случаи. Со пуштањето за сообраќај на овој тунел од Дебар, *Македонија до Тирана ќе се пристигнува за еден час“, објави на Фејсбук вицепремиерката, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку по извршениот увид во работите, пренесе јавија албански медиуми

„Со должина од околу 74 километри „Патот на Арбр“ ќе стане важен коридор за поврзување Исток-Запад. Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и *Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со Северна Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување“, објави министерката Балуку.

Тунелот Муриз кој почна да се пробива во 2019 година, е со должина од 3,78 километри со два дела, за редовен сообраќај и за итни случаи. Севкупно, автопатот има 7 тунели, со вкупна должина од 8,5 километри, како и 4 моста, едниот од нив, со 158 метри е највисок на Балканот.