Снегот денеска го запре редовниот сообраќај од скопскиот аеродром, каде што се одложени дел од летовите.
Досега се одложени два лета на компанијата „Визер“, иако пред и по нив авиони на други компании полетале кон нивните дестинации.
Откако авионот на „Катар ервејз“ во 11:40 часот полетал за Доха, одложен е летот на „Визер“ кон Берлин во 12:35 ч., но затоа немало проблем за летот на „Аустриан ервејз“ кон Виена, кој бил остварен пет минути по предвидениот лет за Берлин.
Веднаш по летот за Виена, одложен е уште еден лет на „Визер“, и тоа кон Фридрихсхафен.
Во 13:05 ч. полетал и авионот кон Дубаи на компанијата „Флај Дубаи“, а во 14:05 ч. слетал авионот од Љубљана.
Според најавите од аеродромот, во текот на денот треба да се спроведат сите планирани слетувања и полетувања.




