Изградбата на гасоводот „Моќта на Сибир-2“ е одложена, пренесува кинеското издание „The South China Morning Post“, повикувајќи се на поранешниот член на монголскиот совет за безбедност, Мунхнар Бајарлхавг.



Вториот дел од гасоводот „Моќта на Сибир“ требаше да минува низ Монголија. Земјата планираше да изгради 2.500 километри од гасоводот, но властите не го вклучија во националниот развоен план до 2028 година.

Русија веќе подолго време има проблеми со изградбата на гасоводот.
Во 2022 година, Путин и понуди на Кина да го зголеми купувањето на руски гас на 100 милијарди кубни метри годишно, но двете земји не можеа да се договорат за цената.

Пекинг побара да се намали цената на гасот, кој ќе минува низ вториот крак на „Силата на Сибир“, на 60 долари за илјада кубни метри. Кина сега купува руски гас по цена од 260 долари за илјада кубни метри.

Темата „Моќта на Сибир-2“ беше едно од клучните прашања во разговорите меѓу рускиот лидер Путин и Си Џинпинг во мај.

Извозот на руски гас во Европа во 2023 година падна на најниско ниво од 1970-тите. По експлозијата на „Северен тек“, Русија не може лесно да го пренасочи рускиот гас наменет за Европа во Кина.
Европа се снабдува од западносибирските полиња, додека Кина се снабдува од источносибирските полиња (преку гасоводот Моќта на Сибир-1). Целта на „Моќта на Сибир-2“ е да испорачува гас во Кина и од западносибирските полиња.