Истекува мерката со која на 10 отсто се намали царинската давачка за кромидот, празот, карфиолот, брокулата, морковот, тиквичките, модриот патлиџан, свежите домати, краставиците и пиперките и нема веќе гарантирани цени на производите од 1 март. Пред да се намали, оваа давачка за наведените производи изнесуваше од 30 до 65 отсто. Граѓаните се загрижени од најавата дека ќе јадеме поскап зеленчук.
Сепак, вицепремиерот Битиќи смирува, секое нелогично зголемување на цените надвор од пазарната логика ќе биде санкционирано. Доколку не се донесе законот за нефер трговски практики соодветно ќе реагираме ,ова утринава го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи .
„Ќе го осетиме тој ценовен шок. Ќе треба да скусуваме, ќе купуваме по една – две пиперки со овие пензии“, рече Ружа Костовска, граѓанка.
Свесни се дека младите не сакаат да произведуваат храна и да се занимаваат со земјоделство и тоа ќе придонесе на пазарите да имаме повисоки цени.
„Нема млади и општо не сакаат да работат во земјоделство. Порано купувавме вреќи пиперки, сме имале лубеници во секое време, а сега нема да можеме“, вели Станка Пешевска, граѓанка.
Друга жена вели дека на викендица ќе сади зеленчук за свои потреби.
„Јас ќе работам. Си имам плац. Ќе садам зеленчук поради рекреација на викендица во Шупли Камен. Пиперки, домати, краставици, магданос. Имам и лозје. Ќе си правам зимница. Нема кој да работи, мора да поскапе зеленчукот“, објаснува Милка Апостоловска, граѓанка.
Во струмичко производството е намалено. Третина од површините стојат необработени. Краставица и домати се засадени на помали површини од лани. Претседателот на Земјоделскиот Синдикат од Струмица, Ристо Велков вели дека е рано да се каже дали цените на зеленчукот ова лето ќе бидат повисоки.
„Да почекаме да излезе производството, за 15 -20 дена ќе видиме која е цената на зелката. Неизвесно е. Никој не знае по која цена ќе се продаде производот. Има помалку ниви кои се обработени. Нема работна рака. Има многу иселени. Тие што одат на работа, обработуваат само по два – три декари“, вели Велков.
Претходните години, имаше и високи цени на овошјето поради измрзнување на родот. Според, последните податоци на ССМ, на едно четиричлено семејство му се потребни речиси 1.000 евра за да го истурка месецот. Најмногу пари се трошат за храна и пијалоци.
Од почетокот на годината имаше земјоделски протести во повеќе европски држави. Освен во Германија, илјадници земјоделци во изминатите недели излегоа на улиците во Франција, Холандија, Романија, Полска, Италија, Грција поради повеќе проблеми во аграрот.
Извор: Фактор





