Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави материјали поврзани со атентатот на поранешниот претседател Џон Кенеди – за да го исполни своето предизборно ветување за поголема транспарентност за кобниот настан во Тексас.
Првата серија електронски копии од документите се појавија на веб-страницата на Националниот архив на САД, а повеќе од 80.000 од нив се очекува да бидат објавени по повеќечасовно чистење од адвокатите на Министерството за правда.
Документи во дигитална форма, вклучувајќи ги и претходно доверливите белешки, нудат увид во атмосферата на страв што ги карактеризираше односите на САД со Советскиот Сојуз кратко по Кубанската ракетна криза во 1962 година, која речиси доведе до нуклеарна војна.
Објавувањето на документите, сепак, веројатно ќе ги заинтригира луѓето кои долго време биле фасцинирани од драматичниот период во историјата, атентатот и од самиот Кенеди.
Многу од документите се однесуваат на работата на истражителите кои се обиделе да дознаат повеќе за времето поминато во Советскиот Сојуз, атентаторот Ли Харви Освалд и да ги следат неговите движења во месеците пред атентатот на Кенеди во Далас на 22 ноември 1963 година.
Првичниот преглед на материјалот не покажа отстапување од официјалната верзија на настаните.
Фредерик Логевал, професор по историја на Харвард, кој напиша книга за ЏФК, изјави за Ројтерс дека новите документи би можеле да ја комплетираат сликата за атентатот.
„Вредно е кога ќе ја добиете целата документација, идеално во нецензурирана форма. Но, не очекувам драматични нови откритија кои суштински ќе го променат нашето разбирање за настаните“, смета тој.






