Министерството за внатрешни работи на својата веб страница објави меѓународна потерница по Шеваљ Муареми.



„МУАРЕМИ ШЕВАЉ татко Азби мајка Азбије род.18.11.1977 год. во Скопје, живее на ул„.5“ бр.1 с.Грчец општина Сарај. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК-Скопје со Наредба КО БР.15/24 од 30.01.2024 год .Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл.123 ст.2, чл.394 ст.3 и чл.215 ст.3 од КЗ на РСМ“, стои на сајтот на МВР.

Во јануари, годинава, беа поднесени кривични пријави против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства.

Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Муареми (46) од село Грчец.

Со потерница се бараат уште седум лица, осомничени дека се членови на неговата група Дуќанџик од родното село на Шеваљ -Грчец.

Второосомничениот 50-годишниот Дритон Ибиши е во Каталонија, во притвор за друго кривично дело. Ќе се бара и негова екстрадиција. Со години живее во Барселона, а неодамна бил во посета на Македонија.

И заменикот на Шеваљ кој раководел со групата во земјава, Мухамед Далипи викан Руди се бара со потерница. Најверојатно е во Косово.

Муареми, како што објави Телма, заминал во Дубаи со целото семејството веднаш по убиството на неговиот другар и исто така водач на групата, Јетон Кривањева Жила во Шиша бар во скопската стара чаршија.

Дека Шеваљ е во Дубаи сведочат и неговите објави и фотографии на социјалните мрежи.

Од Министерството за правда за „Фокус“ велат дека потерницата е објавена на 29 февруари.