Очекувам Јавното обвинителство да почне да постапува во врска со наводите на САД, зашто во спротивно, ако ние не реагираме кога треба, така го толерираме беззаконието, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова
-САД испраќа јасна порака дека во политиката и во институциите, вклучувајќи го и Судот, мора да се води сметка за допрен глас, а ова е допрен силен глас заснован на факти и докази. Не смееме како досега да останеме мирни и да ги оставиме лицата кои се нашле на црната листа да си продолжат со своите редовни активности. Ако јавните обвинители треба да постапуваат по допрен глас, треба да постапуваат и во овој случај. Во меѓународното право постојат начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка овде. Очекувам ЈО да почне да постапува – рече претседателката Сиљановска Давкова
Се разбира дека презумпцијата на невиност важи но особена загриженост, според претседателката, е тоа што на „црната листа“ на САД е и судијата Енвер Беџети, зашто, како што рече, судот треба да биде синоним на почитување на правото и правдата. Додаде дека се чини оти неправдата и владеењето на пресилни луѓе ги направиле иснтитуциите слаби. Поради што, како што рече, потребни се итни реформи и чекори во сите органи.
– Сериозно треба да размислиме дали се креирал еден партизиран и политизиран судски систем. Треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да види како сите во судскиот систем се нашле на одредени позиции. Најголемиот дел од вината е во оние два најважни органи, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Тие треба да се чуварот на независноста на правосудството, да бидат филтерот, лакмусот, микроскопот, рендгенот и не смеат да дозволуваат определен профил на луѓе кои се огрешиле и придонеле директно или индиректно на недовербата во судскиот систем, да бидат на позиции кадешто не смеат да бидат – рече претседателката Сиљановска Давкова.
Таа потсети дека минималната доверба на граѓаните во правосудниот систем, која изнесува само 2 проценти, е алармантна и бара целосна реформа на судството.





