Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута, обвинетите во случајот „Монструм“ денеска во присуство на нивниот адвокат Насер Рауфи се пријавија на шалтер во Суд, како доказ дека нема да побегнат, пренесува ТВ21.
По повеќе од пет и пол години поминати во затвор на четворицата им беа определени други мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште и редовно јавување пред Основниот суд два пати неделно.
Хаки Азири, за новинарите пред Судот каде за прв пат се појавија без полициска придружба, изјави дека немаат намера да бегаат.
Според Азири четворицата за кои Врховниот суд минатата недела одлучи тие да се бранат од слобода, немаат никаков контакт со двајцата првообвинети, Алил Демири и Асмир Исмаиловиќ, кои се во бегство најверојатно во Косово.
Тој уште додаде дека вистината убиствата кај Смилковско езеро ќе излезе на виделина.
Насер Рауфи, адвокат во случајот пред два дена изјави дека сега, откако предметот е вратен на почеток, ќе може да се бара отштета за годините што обвинетите ги поминале во притвор без никаква вина.
Врховниот суд ја поништи првостепената и второстепената пресуда во случајот „Монструм“ за масакрот кај Смилковското езеро, а на обвинетите повторно ќе им се суди.
За петкратното убиство во Смилковското езеро што се случи на Велики четврток во април 2012 година, на доживотен затвор беа осудени шест лица под обвинение за тероризам.





