Протестот на десетици грчки попови на улиците во градот Ајгио, кои бараат зборот Македонија да не биде дел од новото име на земјата, е директна порака до Македонската православна црква – Охридска Архиепископија да не се надева дека ќе добие поддршка за автокефалност од грчката, велат извори во МПЦ-ОА за „Експрес.мк“.
Таа заедно со останатите 13 православни цркви мора да се се согласат за македонската да стане автокефална, што во случајов нема да биде додека не се реши спорот за името.
Со други зборови, и во црковниот свет, иако декларативно одвоен од државата, одлуките се носат политички. Оттука, македонската црква не може да се надева на брзо решавање на нејзиниот статус, судејќи според пораката на грчките попови.
Истовремено, не може да се исклучи ниту револтот кај Српската црква што се разгоре откако МПЦ-ОА побара од Бугарска православна црква да ја признае нејзината автокефалност, со што ќе ѝ стане црква-мајка.
Во меѓувреме, македонскиот Синод не зборува официјално за тоа дали веќе добил информација од бугарскиот во врска со средбата на високото свештенство на чело со патријархот Неофит со вселенскиот – Вартоломеј за Божик во Истанбул.
МПЦ-ОА очекуваше дека бугарскиот патријарх тогаш ќе му пренесе на вселенскиот за барањето на македонската страна, но дали тоа го направил и по две недели останува енигма.





