Нотарскиот занает злато вреди во Македонија

Штембил, печати потпис злато вредни! Од заверки на документи прават профити од десетици и стотици илјади евра. За една година заработуваат да купат во просек еден стан, пишува Фактор. Тоа се македонските нотари. Најуспешниот меѓу нив лани направил профит од 380.000 евра, а од најголемите осум нотарски канцеларии само една има профит помал од 100.000 евра. Просечната профитна маргина надминува 30% од остварените приходи. Зошто државата дозволува толку високи награди за овие чиновници, кои се незадоволни па бараат и зголемување на цените?!



Нотарскиот занает злато вреди во Македонија! И повеќе од тоа. Нема еснаф што има „помрсни профити“ ако се анализираат финансиските извештаи во Централниот регистар. Какви банкари, менаџери, директори… нотарите во Македонија заработуваат убедливо најдобро од сите.

Најтешко е да се дојде до лиценцата за нотар. Тоа е како државна концесија. Потоа е песна. Треба да најдете стан во кој ќе поставите бироа и шкафови, да накупувате принтер, компјутери, хартија, фасцикли и секако неговото височество штембил или печат кој злато вреди. Се по закон и согласно со Уставот. А парата почнува да тече како луда. Заверка на еден лист хартија 150 денари.

Не ви треба маркетинг – државен монопол сте. Не ви треба бизнис стратегија – само отворете ги вратите на канцеларијата, клиентите сами доаѓаат. Се што треба е минимум љубезност онака од општа култура. Секако и фискална сметка, за се да биде по закон…

Според достапни податоци од сајтот на Нотарската комора во нашата земја активно работат помалку од 200 нотарски канцеларии.