Министерството за здравство во договор со компанијата „Лимак“ наоѓа привремено решение за проблемот со паркирањето во близина на Клиничкиот центар во Скопје. Дел од вработените на Клиничкиот центар ќе добијат можност да ги паркираат своите возила на дел од просторот што го нуди објектот на „Лимак“, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Поставени ќе бидат табли кои ќе покажуваат кои спратови се наменети за вработените во здравството. Тие ќе плаќаат за паркингот таму, исто како што плаќаат и сега – изјави Алиу.
Сепак, министерот додаде дека сѐ уште не постои методологија како да се обврзат вработените да го користат токму овој паркинг.
На прашањето за долгорочно решение на паркинг-проблемот во рамки на Клинички, Алиу најави анализа која ќе ги вклучи и вработените и пациентите, бидејќи, според него, дневно на Клиниките циркулираат околу 6.000 пациенти, а таму работат над 2.500 лица.
– Паркингот досега не е ни мапиран – не се знае каде точно треба да се паркираат возилата. Затоа правиме анализа: колку пациенти ги користат местата, колку вработени има, и како најдобро да се организира – додаде тој.
Воедно, Алиу најави поставување на интерактивни информативни табли во самиот Клинички центар, преку кои посетителите и пациентите ќе може во реално време да добиваат информации – каде има слободни паркинг места, како и каде точно се наоѓа одредена институција или служба.
– Долгорочниот план за решавање на паркингот ќе биде дел од поширокото решение за самиот Клинички центар – заклучи министерот.






