Министерот за правда од редовите на ЗНАМ, Игор Филков, со доаѓањето на оваа функција веднаш ги потпишал барањата за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири од Косово. И двајцата се осудени за тероризам.



Како што објасни министерот Филков, барањата се веќе доставени до Приштина.

Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата извршители на убиствата кај Смилковското езеро.

За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, екстрадицијата за прв пат беше побарана во 2013 година, но барањето беше одбиено.

И за двајцата во 2018 година повторно беше побарана екстрадиција, но како што рече Филков, Министерството за правда на Косово екстрадицијата на Исмаиловиќ ја одбила, а за Демири немало одговор.

На прашањето дали ќе се бара екстрадиција и за поранешниот премиер Никола Груевски, Филков одговори дека сите случаи на екстрадиција внимателно се следат и кога ќе се создадат услови ќе се бара екстрадиција, но не со тенденција кон одредено лице.