Новозеландската Национална партија во кожата на ВМРО-ДПМНЕ

Обраќањето до гласачите на пратеникот Ник Смит од Национална партија, која победи на септемвриските избори во Нов Зеланд, но не успеа да формира влада, предизвика интерес во тамошната јавност и поттикна споредба со ситуацијата во Македонија.



Дотогаш владеачката Национална партија освои 1.152.075 гласови, повеќе од трите претходни избори, односно 44,4 проценти од тие што гласаа, што им донесе 56 места од вкупно 120 во Парламентот. Но, влада формираа Лабуристите со 36,9 отсто од гласовите (46 места) заедно со Нов Зеланд Фирст (9 места) и со Зелените (8), а во опозиција покрај Националната партија остана и АКТ со еден пратеник. Нов премиер од 26 октомври е лидерката на Лабуристите, Џасинда Ардерн.

„Изборите 2017 резултираа со невообичаен расплет, каде што Национална партија победи, но загуби во преговорите за составување на Владата. Овој чуден епилог се случи поради тоа што НЗ Фирст ја игнорираше конвенцијата и во Нов Зеланд и во прекуморските територии дека партијата со најголем број гласови ја формира Владата. Но, Винстон Питерс (лидер на НЗ Фирст – н.з.) вели дека тој знае подобро од гласачите“, пишува во писмото на Смит испратено на домашна адреса до избирачите од Нелсон и од Тасманија.

Политичките коментатори во земјата веднаш излегоа со примери со коалициски влади од други држави, во кои, како и во Нов Зеланд, владата не е формирана од партијата што освоила најмногу гласови на изборите, наведувајќи ги Македонија, Австралија и Данска. Во македонскиот случај ВМРО-ДПМНЕ би бил пандан на новозеландската Национална партија, СДСМ на Лабуристите, ДУИ на НЗ Фирст и Алијанса за Албанците на Зелените.