Нови 10 дестинации преку аеродромите, силен инвестициски циклус во железницата – најавува Николоски

Најмалку 10 нови дестинции преку двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, како и силен инвестициски циклус во железницата, најави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.



Николоски на прес-конференција истакна дека во земјава ќе има влез и на нови авио компании, а во однос на железницата, дека првата фаза од проектот „градски воз“ се очекува да се реализира до октомври следната година.

– Железицата за мене е иднината. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. Немаше ниту една локомотива што можеше да вози, имаше нула локомотиви, само девет композиции лежеа на македонските пруги. Сега имаме седум локомотиви на располагање, се оспособува осмата. Сакам да споделам само еден податок, дека во август вкупно по македонските пруги поминале 31 товарен воз, а само последнава недела 70 товарни возови. Планираме силни инвестициски циклуси следната година, како и реконструкција на пругата од Табановце до Гевгелија – рече Николоски по повод сработеното во првите 100 дена.

Тој во јуни годинава го најави проектот „Градски воз“ во рамки на Градот Скопје, нешто што го имаат поголемите градови низ Европа.

– Имате директна пруга која оди од населбата Драчево до центарот на Скопје, до главната Железничка станица. Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил, да се создава загадување, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до Скопје? Тоа е нешто што ќе го иницирам со новиот директор на ‘Македонски железници‘ – рече тогаш Николоски.

Од понеделник министерот рече дека ќе објави најмалку 10 нови дестинции преку двата аеродрома.

– Тоа ќе значи 200.000 повеќе патници следната година. Ќе има и нови компаниии, нови дестинации – рече Николоски.

Тој најави и реконструкција на терминалната зграда на Охридскиот аеродром.