Во петтото коло од групната фаза во Лигата на Европските машки ракометни шампиони, македонските тимови ќе ја бараат петтата односно шестата победа. Досегашните успеси не се остварувани подеднакво, па Вардар има 3 триумфа и реми, а Металург само една победа со еден нерешен исход иако игра меѓу послабите.



Сините од Автокоманда денеска имаат важен меч во Подмосковјето кај Чеховски Медведи и ако сакаат да бидат и да останат во игра за водечките позиции треба да слават кај екипата која до сега забележа 4 пораза. Но рускиот првак никако не е за потценување за што говорат тесните порази од Спортинг (31-30) и од Бешикташ (29-27), но и двете гостувања на Металург кај Чеховски кои минаа неславно (40-25 и 25-21). Натпреварот Чеховски-Металург е од групата Д и започнува во 15 часот.

Два и пол часа подоцна во Скопје започнува најголемото европско ракометно дерби за викендов. Вардар ја дочекува Барселона која во јуни ни дозволи да минеме во финалето од ЛШ во Келн (26-25), по што и го освоивме најважниот пехар, но затоа не не пушти во завршницата н Супер Глоуб турнирот во август во Катар кога не совлада (32-29) и подоцна го освои трофејот.

Две силни по сите основи екипи и попладнево во Јане Сандански е само прашање на моментум кој ќе слави и кој е поблизу до успех. И Вардар и Барса до сега немаат пораз и со по седум бода беа водечки во групата А. Во меѓувреме се минати од Рајн Некар Левен кој својот дуел од оваа рунда го одигра и го доби со Загреб (31-24), но некој од ривалите од скопското дерби вечерва одново ќе биде лидер во групата А. Мечот Вардар-Барселона започнува во 17.30.