Нови маки за притворениот Мирчески, колеги нудат докази за криминал до полицијата и обвинителството

Нови маки за екс директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) Пеце Мирчески откако негови колеги од владата понудиле да достават докази и за друг криминал до полицијата и јавното обвинителство.



Мирчески кој доби 30 дена притвор сега се гони за проневера и поткуп се соочува со можност да одговара за повеќе други дела за кои обвинителството и полицијата можат да добијат сведоци во истрагата.

Изворите во владината администрација кои се упатени во работата на СОЗР тврдат дека Обвинителството треба да ги отвори сите тендери и набавки кои гИ водел Мирчески за да се проверат процедурите и потрошените пари.

Изворите предупредуваат дека во сегашната истата не е опфатен еден тендер поврзан со државни симболи кој го водел Мирчески а кој Македонија ја чинел милиони. Реалната вредност на добиената набавка според потенцијалните сведоци е десетина пати помала од потрошените пари.

Мирчевски засега се сомничи за две кривични дела- примање поткуп и проневера во службата.

Според обвинението противзаконски се збогатил со 85 илјади евра, а како мито добил и два автомобили. Осомничен е дека делата ги сторил додека бил на функција, но и после тоа.

“Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп”, објавија преходно од обвинителството.

Сумата за другите случаи за која говорат колегите на Мирчески кои се подготвени да дадат информации на институциите далеку ги надминува сумите за кои сега се гони Мирчески.