На 18 и 19 септември во Скопје треба да се одржи четвртата средба за оваа година на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Меѓутоа, прашање е дали таа воопшто ќе се реализира и во каков состав, објави РСЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати најави дека ќе назначат нови историчари во македонскиот тим. Без разлика дали Владата во Скопје ќе го стори тоа или не, промените во составот се извесни бидејќи повлекувања најавуваат и самите членови. Мандатот им истекува на 15 септември, а копретседателот од македонска страна, Драги Ѓоргиев, вели дека не би се согласил да потпише нов договор.

- „Јас лично веќе и не би продолжил договорот, но ете и очигледно е дека ќе има промени во Комисијата и дека Владата ќе назначи нови членови, според изјавите на премиерот. Но, искрено и малку се заситивме“, вели Ѓоргиев за Радио Слободна Европа.
На средината на август тој се сретнал со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за да го запознае со досегашната работа на комисијата, но како што вели, „на средбата не стана збор за промени во составот“. Во комисијата има по седум члена од двете страни. Бугарскиот копретседател, Ангел Димитров уверува дека кај нив ќе остане истиот тим и иронично додава дека жали што нивните колеги ќе бидат сменети од власта.
- „Во Бугарија нема да има промени зошто нема причини за тоа. Бугарскиот состав на Комисијата е од сериозни научници без поврзаност со политичките партии. Промени кај нас нема да има и не гледам ниту една причина за тоа“, вели Димитров.
Двете земји периодов се најдоа во политички турбулентен период. Во Северна Македонија се случи транзиција на власта откако ВМРО-ДПМНЕ, која седум години беше во опозиција, по парламентарните и претседателските избори на 8 мај, формираше Влада. Во Бугарија сè уште трае изборниот период. На 9 јуни Софија ги организираше шестите парламентарни избори за три години. Но и по нив никој не успеа да формира стабилна влада, па откако вчера (26 август) беше формирана нова преодна влада, бугарските граѓани на 27 октомври ќе излезат на гласачките места по седми пат.





