Нови летови за Европа од Меѓународниот аеродром Скопје

Од скопскиот аеродром полетаа првите патници кон Барселона и Лион со новите линии на „Виз ер“. Станува збор за воспоставување на директна авионска врска со два европски града, кои досега или биле недостапни или ретко опслужувани од Скопје. Летот до Барселона, кој повторно се воведува по повеќегодишен прекин, ќе се реализира двапати неделно, додека Лион како нова дестинација ќе биде достапен три пати неделно. Првите летови биле полни – 161 патник кон Шпанија и 180 кон Франција, соопштува ТАВ Македонија.



Иако иницијативата доаѓа од нискобуџетен оператор, воведувањето на овие рути значи проширување на изборот за патниците од Македонија, особено во услови кога пристапот до директни летови кон Западна Европа е ограничен. Барселона е популарна туристичка дестинација, а Лион е познат како културен и кулинарски центар во Франција.

На релацијата Скопје – Барселона – Скопје, „Виз ер“ ќе лета секој вторник и сабота, додека летовите до Лион ќе се одвиваат три пати неделно, секој вторник, четврток и сабота.

  • Со ова се исполни повеќегодишното барање за враќање на директната авиоврска меѓу Скопје и Барселона, на големо задоволство на сите вљубеници во овој град на уметноста, историјата, архитектурата и спортот. Истовремено, благодарение на „Виз ер“, за граѓаните се отвори сосема нова туристичка дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје, францускиот град Лион, еден од најголемите гастрономски центри во светот, кој важи за срцето на француската кујна, наведува ТАВ Македонија.

Авиобилетите се достапни и може да се резервираат на https://www.wizzair.com/.