Новите професии ќе бараат нови вештини и нови пристапи за обука на возрасните

Образованието за возрасни во моментот поминува низ огромна трансформација под влијание на најновите глобални трендови кои директно се одразуваат на пазарот на трудот. Овие големи промени го обликуваат и начинот на кој возрасните учат и ги развиваат своите вештини. Вештачката интелигенција, дигитализација и автоматизацијата се се’ поприсутни во сите аспекти на нашите животи што подразбира постојано учење на нови вештини. Токму затоа, неопходно е постојано унапредување на програмите за обука, нивно дополнување и надградување како и создавање на комплетно нови програми, за да останат во чекор со потребите како на работодавачите така и на потребите на вработените кои имаат нужда од надградување на своите вештини и знаења.



Еве листа на неколку нови професии кои се актуелни на пазарот на трудот:

  1. Обучувач за меки вештина

Ако ја погледнеме листата на најважни вештини кои се барани од страна на работодавачите ќе забележиме дека има големи промени во последните неколку години и, она што е поинтересно, техничките вештини „не се повеќе во мода“. Според Светскиот Економски Форум, до 2027 година, меките вештини како што се прилагодливоста, флексибилноста, креативното размислување, аналитичкото размислување, лидерството, емпатијата и активното слушање се вештините кои ќе се очекуваат работниците да ги поседуваат и да ги развиваат. Оттука, професијата обучувач за меки вештини, (личност која ќе работи со луѓето на развивање на овие вештини), ќе станува се’ побарана.

  1. Специјалист за е-учење

Онлајн учењето е исто така нова форма на едукација и е се’ поприфатено, особено со појавата на COVID 19. Се проценува дека до 2030 година вредноста на услугите во индустријата за образование на далечина ќе достигне до 645 милијарди американски долари. Колку за споредба, во 2021 година таа била 215 милијарди американски долари. Токму затоа, ќе бидат потребни повеќе специјалисти кои работат на имплементација и управување со системи за е-учење како во компаниите така и во центрите за обука, но исто така и личности кои се специјализирани за креирање на онлајн курсеви. Создавањето на материјали за обука на далечина бара, на пример, сосема поинаков начин на интеракција и вклученост на учесниците и креирање на виртуелен простор за поставување на прашања и споделување на мислења.

  1. Специјалист за едукативни технологии

Овој концепт е поширок од оној на специјалист за е-учење, бидејќи опфаќа дизајн, имплементација и управување со едукативни технологии кои ги поддржуваат процесите на образование за возрасни. Тоа може да се платформи за учење, алатки за далечинска комуникација, системи за управување со содржина или мобилни апликации кои го олеснуваат пристапот до содржините и развиваат вештини.

  1. Советник за развој на кариера

Мегатрендовите кои го обликуваат светот во кој живееме бараат од советниците за кариера да ги приспособат своите услуги на променливите потреби на вработените и работодавачите, вклучително и користење напредни технолошки алатки, следење на трендовите во побарувачката за вештини и поддршка на луѓето кои избираат неконвенционални кариерни патеки. Исто така, се’ поголемата застапеност на далечинската и хибридната работа значи дека и возрасните се’ повеќе бараат поддршка од советници за развој на кариера во справувањето со предизвиците на далечинската работа, како што се управувањето со времето, рамнотежата помеѓу работата и животот или одржувањето на мотивацијата.

  1. Коуч

Во ерата на брзи промени, голема конкуренција на пазарот на трудот и зголемената потреба за континуиран личен и професионален развој, професијата коуч станува сè побарана. Коуч е личност која му помага на својот клиент да постигне конкретни цели користејќи ги своите вештини, животно искуство, пристапи и алатки. Работата на коучот се заснова на партнерство и взаемна доверба. Наместо да дава готови предлози, коучот поставува прашања за клиентот сам да го најде одговорот.

Популарен модел на работа е моделот GROW, кој се заснова на четири столба:

  • G (цел) – целта кон која се стремите.
  • R (реалност) – реалност, она што го имате сега.
  • O (опција) – опции, што можете да направите со она што во моментот го имате.
  • W (ќе) – избор што ќе правите.
  1. Обучувач за дигитални вештини

Обучувачите за дигитални вештини им помагаат на возрасните да развијат компетенции за користење на компјутери, Интернет, програмирање и разбирање на новите технологии. Обучувачот за дигитални вештини мора да има техничко знаење, наставни вештини и интерперсонални компетенции. Нивната улога е да ги поддржуваат другите во совладувањето на дигиталните вештини за ефективно да функционираат во дигитално општество.

  1. Обучувач за сајбер закани

Во ерата на лажни информации, антинаука и широко распространети обиди за кражба на податоци преку Интернет, специјалистите кои обучуваат луѓе во областа на ИТ безбедноста добиваат на важност. Нивната главна задача е да обезбедат знаења и вештини поврзани со заштита на податоците, спречување сајбер-напади, соодветни одговори на ситуации поврзани со онлајн закани и таканаречена проверка на факти, односно проверка на информации достапни на Интернет. Овој обучувач може да спроведе обука за поединци, компании и институции, помагајќи им да ги разберат заканите и ефективно да се заштитат од нив.

 

Овој текст е кретиран како дел од Еразмус + проектот „Резултати од учењето во образованието на возрасни” (бр. 2022-2-PL01-KA210-ADU-000094502). Повеќе детали и информации како и едукативни материјали создадени од страна на меѓународниот тим на експерти може да најдете на следните линкови: https://projekty-evaco.pl/projekty-aktualne/efekty-uczenia-sie-w-edukacji-doroslych/ и https://impulsi.com.mk/en/project/learning-outcomes-en/

Автори: Александра Шчибич Копиец и Катерина Златановска Попова