Фуркан Салиу, новинар на ТВ 21, бил спречуван од Јане Лазевски, вработен во Министерство за надворешни работи, да му постави прашање на медијаторот за името Метју Нимиц на денешната прес-конференција, известија од телевизијата.
„Ако поставиш прашање, никогаш нема да добиеш интервју“, му порачал Лазевски на Салиу, но тој не го послушал и инсистирал да постави прашање, а за да добие збор, се согласил и Нимиц, барајќи внимание за прашањето што ќе му биде поставено.
Новинарот на ТВ 21 почнал да го поставува прашањето без микрофон, а притоа бил предупреден од Лазевски за да не ја доврши реченицата. По завршувањето на средбата со новинарите, пак, вработени од Министерството му се заканиле на новинарот со одземање на акредитацијата.
Телевизијата побарала официјално објаснување од МНР за настанот, но не добила, освен што претставници од Министерството телефонирале во редакцијата, упатувајќи ја барањето да го испрати по писмен пат.
Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) го осуди настанот, оценувајчи го како обид за притисок врз медиумите.
„Остро го осудуваме однесувањето на претставникот на МНР, кој што денеска во текот на прес-конференцијата на посредникот Метју Нимиц се обиде да го спречи новинарот на ТВ 21, Фуркан Салиу, да постави прашање. Овој обид на МНР е целосно неприфатлив и ја загрозува слободата на медиумите и правата на граѓаните да бидат информирани за прашања од јавен интерес. Слични инциденти ја оцрнуваат сликата на новата Влада и ја уриваат довербата кај граѓаните за работата на Владата. Бараме од МНР да го истражи случајот и да преземе одговорност за лицето, со цел да се спречат слични инциденти во иднина. Го поздравуваме колегата Салиу, кој што му се спротивстави на притисокот и продолжи да дејствува според професионалната етика, служејќи му на јавниот интерес“, реагираа од ЗНМ.





