Во скопската слободна економска зона означен почетокот на градба на нова германска инвестиција, тешка 65 милиони евра. Во Бунарџик треба да се произведуваат литиум-јонски батерии. Компанијата на почеток ќе отвори 1.000 работни места. БМЗ Груп треба да почне со работа во мај 2025-та.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од овој постигнат договор, за кој вели ќе помогне во растот на македонската економија, бидејќи се очекува да има високи приливи во буџетот од извоз. Порача дека во првите години се очекува истиот да биде меѓу 35 и 40 милиони евра, 60 милиони во првите три години, со можност понатаму да достигне и 130 милиони евра. Премиерот најави и дека се очекуваат уште нови инвестиции до крајот на годинава.

- Во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори, но и една нова која што ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна европска држава, членка на Европската Унија. Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината, со што мислам дека сериозно ќе биде исцрпен потенцијалот, човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас, изјави Мицкоски.
Големо задоволство од постигнатиот договор изрази и генаралната директорка на БМЗ Груп, Јелица Ивановска. Вели со најновата инвестиција ќе се прошири работата на оваа компанија, а бројот на вработени, кои во моментов е 110, ќе се зголеми за седум до десет пати. Вели целта на фабриката е преку Македонија да биде поблиску од европскиот пазар.

- Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза која што сега ја градиме, да имаме 40 линии да донесеме, а вкупниот број на вработени треба да стаса меѓу 770 и 1.000 вработени. Целта на постоењето на фабриката во Македонија е за да може да бидеме блиску до европскиот пазар, изјави Ивановска.
Мицкоски вели дека охрабрува растот на индустриското производство. Според него тоа е доказ дека бизнис заедницата има доверба во институциите. Очекува ситуацијата да биде уште подобра наредниот период, бидејќи нема да има несигурни политички состојби, кои често знаат да ги одвратат инвеститорите.
Преговорите за инвестицијата на БМЗ Груп започнаа во време на претходната влада. Тоа беше и причина што деновиве, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно да се прозиваат околу тоа кој ја донел и кој позаслужен за новата инвестиција.





