Еден од деветте потпретседатели на грчкиот Парламент, Никитас Какламанис од опозициската Нова демократија, го повтори ставот на партијата со најголема поддршка во моментов кај јужниот сосед во врска со името на Македонија.
„Ни најмала грешка за националните прашања е неприфатлива и не се коригира. Географско име за сите употреби“, изјави поранешниот градоначаник на Атина и ексминистер за здравство и социјална солидарност во интервју за грчката државна новинска агенција АНА-МПА.
Какламанис очекува 2018 година да биде изборна, но не поради Македонија, туку поради болните реформи за кои притискаат доверителите, пред сè, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој на тамошните весници им тврдел дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе потпишел сè што бараат од него.
„Тоа ќе се претвори во лавина за Владата“, смета Какламанис.





