Кралската академија на науките во Шведска денеска ја објави и најновата Нобелова награда – за економија.
Таа оди кај тројца научници – Дарен Ацемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс А. Робинсон „за нивното истражување за тоа како се формираат институциите и како тие влијаат на економската благосостојба“.
Нивната работа покажува како политичките и економските институции влијаат на развојот, нееднаквоста, долгорочниот раст и дава вредни сознанија за тоа зошто некои нации напредуваат, додека други пропаѓаат.
Тројцата економисти „ја покажаа важноста на општествените институции за просперитетот на една земја“, соопшти Нобеловиот комитет на Кралската шведска академија на науките.
„Општествата со слабо владеење на правото и институциите кои го експлоатираат населението не генерираат раст или промена на подобро. Истражувањето на лауреатите ни помага да разбереме зошто“.
Ацемоглу и Џонсон работат во Технолошкиот институт во Масачусетс, а Робинсон го спроведувал своето истражување на Универзитетот во Чикаго.
Традиционално, секоја година Нобеловата награда за економија се доделува последна.
Вредноста на наградата е 11 милиони круни (околу 1 милион евра).






